Младите и одморите забрзано го шират вирусот во Прилеп


Новата ситуација го мобилизираше Општинскиот кризен штаб во Прилеп

За само четири дена има регистрирано нови 44 инфекции од корона вирусот. Дури 31 процент од заразените во последниот месец се на возраст меѓу 20 и 39 години

 

Анета Блажевска

БИТОЛА – Расте бројот на млади лица во Прилеп кои се позитивни на корона вирусот. За последните десет дена се развија осум кластери, бројот на активни случаи се искачи на 90, од кои 74 се наоѓаат на домашно, а 16 на болничко лекување. Млади лица асимптоматски го пренесуваат вирусот кај повозрасните.

Од почетокот на кризата до денес во Општина Прилеп се потврдени 435 позитивни случаи, а починале 26 лица. Само во последните четири дена се регистрирани 44 новозаболени од Ковид-19 (денес 8, вчера 13 лица, во вторникот 15 и во понеделникот 8 позитивни). Или од 15 август до денес 83 нови случаи.

Татјана Мургоска-Станимировиќ, епидемиолог во Центарот за јавно здравје во Прилеп, вели дека луѓето се опуштија за време на летните одмори, патуваат, се дружат и со тоа го шират вирусот.

„За нас епидемиолозите ова е очекувана ситуација, со оглед на тоа што ние континуирано ја следиме состојбата, не само кај нас, туку и во останатите региони во државата. Факт е дека е време на годишни одмори, луѓето се опуштија, се намали претпазливоста. Патуваат, се движат во региони и места каде се уште е голем бројот на заболени. Дури 64 отсто од новозаразените во овој месец се регистрирани во последните десетина дена“, вели Мургоска-Станимировиќ.

Што е однесува до возрасната структура, 31 процент од заразените во последниот месец се на возраст меѓу 20 и 39 години. Фреквенцијата на контакти кај младите е поголема, а покрај регистрираните случаи има и асимптоматски случаи кои можеле да го пренесат вирусот во своите семејства.

„Кај повозрасните овој месец имаме 22 лица на возраст над 60 години, заразувањето најчесто настанало случајно, кога дошле во контакт со помладите лица од нивната фамилија. Регистрирани се осум активни кластери со 52 заболени лица, детектирани се сите контакти од нив и сите се во изолација, претежно на домашно лекување“, вели Мургоска-Станимировиќ.

Новата ситуација го мобилизираше Општинскиот кризен штаб, се анализираше актуелната ситуација со Ковид-19, како и мерките кои треба да се преземат  за стабилизирање на состојбата.

Градоначалникот на Прилеп Илија Јовановски не ја крие загриженоста.

„Последните десетина дена забележителен е порастот на бројот на новозаразени во нашата општина, што е загрижувачки. За разлика од јули кога вкупно беа регистрирани 70 случаи на инфицирани со коронавирус, овој месец, бројот на позитивни случаи изнесува 92. На 26 август имаме 13 нови случаи и за жал, една почината сограѓанка. Затоа, исклучително е важно сите граѓани да ги почитуваат пропишаните мерки за заштита, да носат заштитни маски, да одржуваат физичко растојание и да ги дезинфицираат работните простории и домовите. Развојот на ситуацијата со Ковид-19, зависи од личната одговорност и дисциплината на секој поединец“, порача вчера Јованоски.

Градоначалникот смета дека е очигледно непочитувањето на протоколите за работа кај прилепските угостители.

„Сакам да упатам посебен апел до младите и до сопствениците на угостителските објекти, целосно да ги почитуваат мерките за заштита од Ковид-19, затоа што е забележливо дека последниот период не се почитуваат протоколите. Банките и поголемите маркети од градот да ги засилат редарските служби пред нивните објекти, за да се спречат поголемите групирања“, вели Јованоски.

И покрај оваа ситуација Градскиот пазар во Прилеп ќе продолжи со работа, со построги протоколи за заштита од Ковид-19, со тоа што ќе има засилена дезинфекција и граѓаните нема да смеат да влезе во пазарот без заштитна маска.

Туку ќе се вклучи и полицијата , особено на локација на  пазарот и пред поголемите маркети и банки со што ќе ја засили казнената политика.

Во пресрет на новата учебна година, градоначалникот одржал средби со директорите на основните и средните училишта од општината, со препораки да ги преземат сите мерки за целосна заштита и безбедност на учениците и наставниот кадар, без разлика на датумот на почеток на школската година и начинот на кој ќе се изведува наставата, како и активно вклучување на училишните одбори и советите на родители, за доследно почитување и примена на заштитните мерки.