Младите битолчани заминаа од државата, фрустрирани од неправдите во општеството

Проблемите на младите се во фокусот на краткиот документарен филм „Младите се иднината“ што викендов беше прикажан во Битола, во Киното „Манаки“, снимен како магистерски труд на младата битолчанка Сара Трајчевска


 

БИТОЛА – Ако им се пружи шанса на младите битолчани, не би размислувале ни за момент и со задоволство би заминале надвор од границите на Балканот. Додека пак, младите кои веќе одамна го напуштиле нашиот град и сопствената татковина велат дека надвор е подобро и поорганизирано, дека луѓето се поотворени, спремни да подадат рака и се ценат според вредноста и квалитетите кои ги носат, а не според тоа кој стои зад нив.

Ова е само дел од поентата на краткиот документарен филм „Младите се иднината“ што викендов беше прикажан во Битола, во Киното „Манаки“, снимен како магистерски труд на младата битолчанка Сара Трајчевска (24), дипломиран новинар на Универзитетот Овидиус во Констанца, Романија, магистер на одделот – Односи со јавност и интеркултурно развивање на романскиот Универзитет.

Според истражувањето на Сара и интервјуата прикажани во филмот од млади битолчани, младите си заминуваат поради незадоволство од работата на системот и недоволниот респект кон квалитетот на младиот човек, секако дека голема улога играат и финансиите.

„Самата идеја за целосно разгледување на ‘културниот шок’ и неговото влијание во животот на еден млад човек беа поттикнати, пред се’, од моето досегашно искуство како студент и работник низ повеќе европски земји каде што имав прилика да се сретнам со далеку подобри образовни системи, далеку поразвиени гранки со куп можности за младите луѓе, други системи и закони чија цел е целосно заштитување на човекот како од финансиски поглед, така и од безбедносен поглед. И не, не е клише кога ќе речеме дека нашиот пријател, роднина, ќерка, син или колега се пакува, го остава животот тука и заминува да ги ‘брка’ своите соништа во странство“, вели младата битолчанка Сара додека емотивно размислува за собирите со блиските пријатели, семејството, родителите, утринското кафе на Широк Сокак и прекрасните моменти исполнети со љубов и топлина во родниот град. Но, повторно се навраќа на мислата – Ако дома е местото каде што сме се родиле и каде секогаш сме добредојдени, тогаш зошто бараме засолниште на некое друго за нас непознато место?

„Ова прашање постојано се вртеше во мојата глава низ изминатите години поминати во туѓина. Од одговорите на младите, како од балканските земји, така и од Битола, можам да кажам дека е изразено огромно незадоволство кон функционирањето на секој систем одделно кој е клуч за градење на едно здраво и вредно општество. Корупцијата која го попречува нормалниот развој на работите, губењето на вредностите и недоволното ценење на квалитетот на еден млад човек, премногу мали шанси и недоволна поддршка во предложените бизнис идеи, недоволното почитување на законите, слабата инфраструктура и зависноста кон политичките партии“, наведува младата новинарка.

Мислењето на Трајчевска го дели и Сара Мицевска дипломиран архитект која раскажува колку е желна да придонесе за развојот и инфраструктурата и градбите во Битола, полна е со идеи за иднината на градот во оваа сфера. Но, за неа нема место во системот според струката, работи нешто сосема друго, зашто треба да се егзистира. Таа нагласува дека зборува одлично германски јазик и моментално е на магистерски студии на факултетот за Архитектура во Скопје.
Накрај новинарката Трајчевска го отвора прашањето – Зошто младите да останат и да придонесат за развојот на средината од која потекнуваат?

„Ако целото знаење и снаодливост што го покажуваме во странство, било како студенти, работници, бизнисмени или професори, политичари или економисти, новинари или писатели, се вратиме и го дадеме во местото во кое сме се родиле сигурна сум дека ‘минусите’ на сопственото општество ќе се намалат, а желбата за градење на светла иднина во родениот град ќе порасне. Затоа ги повикувам сите релевантни фактори во државата, да направиме чекор напред и да почнеме да отвораме нови врати за младите, да ги цениме според квалитетите кои ги носат, а не само по тоа кој стои зад нив, да се отворат можности за нивниот економски раст и можноста да го работат она кое што тие го сакаат без да чувствуваат зависност од било каков фактор кој е дел од општеството за постигнување на целите“, вели Трајчевска.

Филмот е проект на Здружението „БСМ“, во режија на новинарката Маја Богоевска, сценариото е на Сара Трајчевска, снимател и монтажер Саше Богоевски. Снимањето на документарниот филм е финансиски поддржан од Општина Битола во соработка со порталот „Читај бе“ и „Креатив Продукција“.