Младинскиот форум на Алијансата за Албанците обвини за „деалбанизација“ на администрацијата

Младинскиот форум на Алијансата за Албанците изразува длабока загриженост и револт поради тековниот процес на деалбанизација на јавната администрација. Според нив, неодамна објавените податоци за вработувањето во државните институции сведочат за систематска и намерна дискриминација врз Албанците, кои се отворено исклучени од можностите за вработување и унапредување во државните структури. Со постапките на оваа влада, целосно водена од агендата на ВМРО, се задаваат директни удари врз меѓуетничката кохезија и граѓанската рамноправност, оценуваат од Младинскиот форум.
-Во едноставна нумеричка анализа, од вкупно 205 неодамнешни вработувања и унапредувања во институции како што се: Заводот за статистика, Државниот архив, Управата за јавни приходи, Министерството за култура, Централниот регистар, Царината, Хидроелектраните во Струга, Маврово-Ростуше и Спиле Дебар, а неодамна и во РЕК Битола, само двајца Албанци се вработени или унапредени во овие институции, наспроти 205 Македонци. Оваа алармантна диспропорција е јасен показател за намерна политика за намалување на застапеноста на Албанците во администрацијата.
Во овој контекст, одговорноста паѓа директно и врз првиот вицепремиер, Изет Меџити, кој не успеа да ги заштити интересите и застапувањето на Албанците во владата. Неговото недејствување во однос на оваа отворена дискриминација го прави соодговорен во овој опасен антиалбански и антиевропски процес. Вицепремиер кој не реагира кога Албанците се исклучени од институциите, не ги претставува Албанците!
Затоа, МФАА ги повикува сите млади Албанци да не го прифаќаат молчењето како нормалност и да не стануваат жртви на манипулациите на еден стар систем со нови актери. Рамноправноста не се дава, туку се добива преку реакција, организирање и постојан притисок. Бараме транспарентност, вистинска застапеност и целосна еднаквост во секоја институција. Доколку ова не се гарантира, тогаш младите ќе реагираат со сите демократски средства за да го запрат овој опасен процес, порачуваат од форумот на Алијансата на Албанците.