Младинска кошарка: Работнички обвинува за фалц-лиценци на Дино Баскет


Фото: mkf.mk

Нова афера во македонската кошарка во екот на трансфер меѓу старото и новото раководство во Федерација. Произлезе од Кочани каде викендот се одржа финалниот турнир во младинската лига М14 за играчи родени во 2005/06. Титулата ја освои Дино Баскет по победата над Работнички со 87:75, но поразените обвинуваат за фалсификување на документација на двајца кошаркари во противничката екипа за кои тимот од Градски парк тврди дека се родени во 2004 година. На тоа укажале и пред натпреварот и како забелешка ја запише во официјалниот записник по завршување на средбата.

Работнички веднаш поднесе жалба во Кошаркарската федерација на Северна Македонија (КФСМ) чиј претстедател од неодамна е Перо Антиќ. Случајот е проследен и до Комесарот за натпреварување при КФСМ, Среќко Хорват. Од тимот на Дино Баскет е побарано доставување на патни исправи (пасоши) или изводи за спорните кошаркари и доколку се утврди повреда, ќе се постапува по пропозициите за натпреварување во младинска конкуренција. Одземање на титула, регистрација со службен резултат, парични и временски казни се дел од санкциите со кои се соочуваат во Дино Баскет ако се докаже дека Работнички е во право. За новото раководство на Федерација, пак, ова е шанса за почеток за искоренување на вакви и слични појави во кошаркарскиот спорт. (С.Ѓ.Д.)