Млади Руси со јахта побегнале во Јужна Кореја, одбиен им е влезот


Повеќе од 20 Руси впловиле со јахти во Јужна Кореја, во очаен обид да избегнат мобилизација во Русија, но на повеќето им е одбиен влезот, јавија повеќе медиуми.

Откако рускиот претседател Владимир Путин нареди делумна мобилизација на 21 септември, дојде до егзодус на мажите на возраст за служење воен рок од Русија, иако повеќето бегаа по сувоземен пат, со воз и со авион во Европа и соседните земји на поранешниот Советски Сојуз, како Грузија, Азербејџан и Казахстан.

Јужнокорејската телевизиска куќа KBS јави дека најмалку 21 Русин стигнале со јахти во пристаниште на југот од земјата, но само на двајца им бил дозволен влез, додека на останатите влезот не им е одобрен.

KBS извести и дека три јахти пристигнале во југоисточниот пристаништен град Поханг во текот на изминатите денови, а на нив главно се наоѓале мажи на возраст од 20 до 30 години.