Млади од седум држави ќе ја раскажат приказната на Стоби користејќи дигитални алатки


Археолошкиот локалитет Стоби оваа недела е домаќин на DIGI Heritage Hub 2025, настан кој ги поврзува културното наследство и современата технологија. Млади професионалци и студенти од 7 европски земји од областа на археологијата, историјата, музеологијата, анимацијата, дизајнот и дигиталните технологии ќе истражуваат како новите технологии можат да го претворат Стоби во живо културно искуство, инспирирано од минатото, но претставено преку алатки на иднината.

Преку предавања, интерактивни работилници и креативни сесии, учесниците ќе развиваат дигитални приказни инспирирани од Стоби, а посебен акцент е ставен на примената на виртуелна и проширена реалност, генеративна вештачка интелигенција и интерактивни медиуми односно технологии што овозможуваат културното наследство да добие нов, привлечен и современ израз.

Програмата предвидува работилници за дигитално раскажување и мапирање на публика, ко-креација на кратки дигитални содржини со цел збогатување на посетителското искуство, јавна презентација и наградување на најиновативните и најинклузивните идеи. Менторите, етаблирани професионалци од регионот, ќе обезбедат стручна поддршка и насоки, создавајќи услови за учесниците да експериментираат со нови наративи и да ја градат идната европска практика за дигитална промоција на културното наследство.

DIGI Heritage Hub е иницијатива на организацијата Блинк 42-21, во партнерство со Националната установа Стоби, со поддршка од УНЕСКО и Европската Унија.