Алармантно во Скопје: 50 отсто од децата не се вакцинирани против голема кашлица


Директорката на ДСЗИ, Рената Младеновска

 

Ситуацијата во Скопје со вакцинирањето со дитепер е поразителна и загрижувачка – речиси 50 отсто од децата се невакцинирани или нецелосно вакцинирани. Во другите градови бројката на вакцинирани изнесува 95 проценти.

Овие податоци денеска ги објави директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Рената Младеновска, откако во текот на вчерашниот ден, ДСЗИ излезе на терен. Сите инспектори на територијата на град Скопје, започнаа со вонредни инспекциски надзори согласно одлуката добиена од министерот за здравство. Издадени се решенија во сите градинки на територија на град Скопје со забрана за прием на невакцинирани деца или нецелосно вакцинирани против голема кашлица.

„Ова е поразителен факт за општеството. Одговорните лица на градинките ни ги доставија списоците на невакцинирани и вакцинирани деца, од таму ни се извлечени и бројките. Оваа акција треба да продолжи во текот на денешниот ден и во текот на наредните денови. Директорите на градинките ни дадоа уверување дека ќе ја почитуваат мерката, а ние ќе провериме во деновите што следуваат“, рече Младеновска.

Според неа, ДСЗИ нема издадено мерка дека по вакцинирањето, детето треба да седи дома 20 дена.

„Апсолутно е неточно дека треба да седи дома 21 ден по вакцина. Немаме издадено таква мерка ниту ние, ниту министерот за здравство, ниту Комисијата за заразни болести. Во текот на вчерашниот ден започнавме да вршиме вонредни инспекциски надзори во градинките во внатрешноста на државата. Во другите градови имаме покриеност со имунизација на дитепер кај деца во предучилишна возраст од 95 проценти. Во другите градови родителите се одговорни, ја почитуваат обврската за вакцинирање согласно календарот за имунизација, очигледно проблемот е во Скопје“, нагласи Младеновска.

Младеновска најави дека во текот на оваа недела ќе има информации дали се примаат невакцинирани деца во градинките и соодветно ДСЗИ ќе се изрече глоба и за правното лице и за одговорното лице.

Приватните градинки се контролирани подеднакво како и државните, додаде таа.

Мајка на шестгодишно дете од општината Карпош за МИА изјави дека утрово од градинка во оваа скопска општина, биле враќани деца кои не биле целосно вакцинирани против пертусис (голема кашлица).