Младен Чадиковски доби уште еден мандат да го води Здружението на новинари


Младен Чадиковски Марјан Николовски

 

По целодневно заседание на изборното собрание на Здружението на новинарите на македонија Младен Чадиковски повторно е избран да биде негов претседател во трка со уште двајца кандидати.

По пребројувањето на гласовите, тој го доби потребното мнозинство и со убедлива разлика победи пред Марјан Николовски и Филјана Кока. И тројцата се професионални новинари: Чадиковски работи во ТВ24, Николовски во Сител, а Кока во МТВ.

За Чадиковски гласаа 275 членови на ЗНМ, Николовски доби 119 гласа, додека Кока 53 гласови. На денешното собранието присуствуваа 465 членови на ЗНМ.

Чадиковски изјави дека е среќен и задоволен што новинарите денеска се обединија.

„Денеска направивме еден собир, да речам, најголем во историјата на македонското новинарство, каде што повеќе од 450 новинари, сниматели, медиумски работници, дојдоа демократски на фер начин да си го искажат своето мислење за тоа каде треба да се движи новинарството понатаму. И особено сум среќен и задоволен што сите заедно и тие што учествуваа на ова Собрание, значи конкурентите, и УО сето она што ќе значи дел од органите на ЗНМ во иднина ќе продолжи да работи на принципите на професионалност, на правда, етика во новинарството, со намера да го засилиме и зголемиме потенцијалот на македонските новинари, сниматели и сите медиумски работници“, изјави старо-новиот претседател на ЗНМ.

На изборното собрание имаше над 450 новинари и медиумски работници (Фото: Б. Грданоски)

Тој нагласи дека новинарите мораат да работат за граѓаните на начин што тоа ќе значи да ги почитуваат сите професионалните стандарди и принципи.

„Се разбира и понатаму да продолжиме со фокус на граѓаните и нивните проблеми. Затоа што само така подобро ќе влијаеме за да ги подобориме состојбите во ова општество“, порача Чадиковски.

Членовите на ЗНМ денеска ги избираат и членовите во Управниот одбор, во Надзорниот одбор и челнови во Советот на честа. Дваесет и четири кандидатури има за членови во Управниот одбор, девет за членови во Надзорниот одбор и 11 за членови во Советот на честа.

ЗНМ е здружение на професионални новинари основано на 17 февруари 1946 година во Скопје.