Младата надеж на Ивица Дачиќ одржа говор за катодните цевки, господ и нуклеарната војна


Ана Гроздановиќ има 100.000 следбеници на Инстаграм

„Имав трема“, им изјави Ана Гроздановиќ на српските медиуми по нејзиниот говор во Ниш. Таа вели дека во име на верата ќе открие нешто што ќе ги растресе моќните луѓе во светот, не само во Србија

 

Младата надеж на Социјалистичката партија на Србија, Ана Гроздановиќ, која одржа „незапаметен“ говор на митингот во Ниш во кој поврза христијани, катодни цевки, голема светлина од небото и нуклеарна војна, излезе со соопштение во кое се обиде да објасни што точно сакала да каже пренесува „Нова.рс“. Овој пат таа зборуваше за нов свет со полупроводници, воена опрема со засилувачи, рендген апарати, а добивме и нова тура радио цевки и секако – нуклеарна војна.

Членката на Главниот одбор на СПС, партијата на претседателот на српското собрание Ивица Дачиќ, Ана Гроздановиќ, која на Инстаграм ја следат над 100.000 луѓе, одржа говор на состанокот на одборот на СПС во Ниш, каде меѓу другото изјави , дека „христијаните правеле катодни цевки и радио цевки“ и дека народот треба да се радува затоа што „за само една секунда ќе се појави голема светлина од небото“ што ќе ги натера луѓето да мислат дека се води нуклеарна војна.

За време на нејзиниот говор, Гроздановиќ, која се приклучи на партијата на само 18 години, рече дека „ќе открие нешто во име на верата што ќе ги потресе сериозните моќни луѓе во светот, не само во Србија“.

„Да им кажам дека во мое време веќе ќе има слободен човечки живот како што само бог замислил. Само христијаните произведуваа катодни и радио цевки, Електронската индустрија последна ги произведуваше во Србија, во нашиот Ниш“, рече Гроздановиќ и додаде.

„Сега ќе ви откријам зошто тоа е оружјето на странските сили врз основа на кое овој свет стана ваков. Но, сега ве потсетувам на првата важна работа, дека тие не можат да одат против бога затоа што тој им дал живот. Тие подлегнаа на искушението затоа што се обидоа да создадат нов неслободен свет со модерна технологија, модерни уреди базирани на полупроводници. Но вие со вера радувајте се затоа што за само една секунда ќе се појави голема светлина од небото. Луѓето ќе речат: Нуклеарен напад или војна“, рече Гроздановиќ.

 

Откако нејзиниот говор привлече големо внимание, Гроздановиќ се огласи на Инстаграм. Таа во својата изјава се обидела да објасни што точно сакала да каже, пренесува „Нова“.

И тука повторно сè се искомплицира.

„Она што сакав да го кажам е дека ни создаваат нов свет на полупроводници, а она што е вредно не се произведува… Дека во случај на војна сè ќе престане да работи, сето она со кое се гордеете денес… Дека ни требаат други работи… Тоа тоа е за економско закрепнување на Ниш, потребно е да се врати производствената Електронска индустрија на Ниш. Дека електронската индустрија беше посебна за многу производи и за катодни цевки и рендген машини и телевизори и бела техника, но и поради тоа што правеше радио цевки, а радио цевките се отпорни на нуклеарен удар. Полупроводниците потоа престануваат да работат, воената опрема која има засилувачи со полупроводници е неупотреблива во сериозна војна. Ваквиот производ ја направи Електронската индустрија особено стратешки важна“, напиша таа и додаде:

„Исто така, направив несмасни паралели меѓу страдањата на нашиот народ и неговата борба за слобода, правда и сопствените идеи со борбата и прогонот на христијаните. Не ја формулирав највешто, но во денешно време, во искушението и страдањето на нашиот народ, во страдањето на вистината и правдата, ја чувствувам и гледам истата голгота што води кон вечен живот и непропадливи вредности“, заклучи Гроздановиќ.  Гроздановиќ по говорот во српските медиуми го коментираше и својот настап.

„Тоа беше мојот прв говор. Бев многу нервозна, наеднаш се најдов пред 300 луѓе. Во првите 15 минути од говорот ми се тресеше вилицата, првпат ги видов мама и тато во публиката и почувствував дека сега сум поважна од нив. Ги користев зборовите на Слоба (Слободан Милошевиќ) и со мои зборови го кажав тоа што тој го кажува за да не ми биде глупав говорот. Ако е глуп, тогаш и Слоба е глуп“, истакнува Гроздановиќ.

Таа додава дека негативните реакции нема да ја поколебаат.

„Се трудам и работам многу. Кој го слуша целиот говор ќе види што сакав да кажам. Го подготвува за кусо време. Направив лапсус, но кој работи греши. Не се гордеам на тоа што се пишува, но свесна сум дека морам да го поминам тоа, дека не ѝ одговарам на опозицијата и дека сакаат да ми го нанесат целиот тој срам“,- вели Гроздановиќ и додава дека никој од врхушката на СПС, дури ни Ивица Дачиќ не ѝ се јавил поради говорот, пренесува „Блиц“.