МКЦ беше „покорен“ на прославата на неговите 50 години (галерија)
Без претерување, целиот ден 28 декември беше настан на годината во 2022 во Скопје
Не може да се избројат луѓето кои вчера цел ден одеа како на аџилак во Младинскиот културен центар во Скопје. Тоа беа илјадници души, претежно млади, но и возрасни, кои дојдоа да му одадат почит на центарот кој во 1972 година беше основан како Дом на млади „25 Мај“, а на почетокот на независноста преименуван во Младински културен центар.
Има многу важни места во Скопје поврзани со културата и некои други масовни собирања, но нема ниедно како МКЦ кој со децении влијаеше врз изградбата на новата младост, во креирањето на алтернативните содржини, во поддршката на авангардата, во поттикнувањето на инакумислечкото, во храбрењето на рокенролот, во отворањето на старите и новите филмски хоризонти, во моделирањето на младиот човек според неговите сопствени визии.
Домот на млади „25 Мај“, потоа наречен МКЦ, им помогна на младите и времето на големиот со ништо незатруен оптимизам од крајот на 1970-те и почетокот на 1980-те и во времето на периодот на чудната депресија во 1990-те и при повторното раѓање во следната деценија. „25 Мај“/МКЦ ненаметливо беше секогаш тука да ги разбере „врисоците“ на незадоволните, да ги утеши разочараните, да ги награди егзалтираните, да ги поддржи успешните. Затоа во средата навечер човек не можеше да се размине пред зградата, во холот кој е некаков пантеон на македонската алтернатива, на скалите кои секогаш воделе кон нешто чудесно, или во Дансинг салата каде ечеа децибелите на бендовите. Совршено. Ова сигурно беше настанот на годината во 2022 во Скопје.
На оние што не биле тешко е да им се прераскаже, затоа еве дел од атмосферата што ја забележа Борис Грданоски, фоторепортерот на „Независен“. (Н.В.)