Мизрахи не истурка ниту половина од 100 дена на техничката влада


По 44 дена министерување во техничката влада, министерката за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи рано утрово, беше разрешена од функцијата. По шестчасовни тешки и мачни препукувања помеѓу власта и опозицијата, Собранието со 62 гласа „за“ и 26 „против“ го прифати предлогот доставен од премиерот во техничката влада, Оливер Спасовски, кој тоа го побара откако Мизрахи во неколку наврати одржа прес-конференции пред таблата на која стоеше старото име на државата – Република Македонија.

Ваквиот нејзин потег предизвика и реакција од страна на Грција која упатила вербална нота заради прекршување на Преспанскиот договор.

Премиерот Спасовски, претходно изјави дека очекува ВМРО-ДПМНЕ да предложи друг кандидат за министер во техничката влада, при што рече дека тоа треба да биде некој кој ќе ги почитува Уставот и законите, бидејќи институциите мора да функционираат беспрекорно.

Мизрахи, во обраќањето пред пратениците рече дека таблата ја наследила од нејзината претходничка Мила Царовска.

Царовска, пак во интервју за емисијата „360 степени“, рече дека во Министерството постоел банер со сегашното уставно име на државата кој се користел кога се одржувале прес конференции.

Мизрахи во Собранието ја обвини Царовска за нарушени меѓучовечки односи, распаднат систем и како што рече за исплашени вработени во Министерството кое го раководела.

„Уште не влезена во Министерството како прва Еврејка во историјата на Македонија назначена за министер, бев мета на антисемитски напади од лица кои ниту бираат средства, ниту начин, ниту зборови. Па, наместо да ја критикуваат мојата работа, ја критикуваа мојата верска и национална припадност и ме обележаа со жолта ѕвезда“, рече Мизрахи од собраниската говорница.

Таа обраќањето го заврши со зборовите „Јас сум гарда Еврејка од Македонија“.

Засега не се знае дали ВМРО-ДПМНЕ ќе достави предлог за нов министер во труд и социјална политика.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ноќеска на неговата фејсбук страница објави фотографија со Рашела Мизрахи, при што напиша: „Дисидентите! Зошто? Затоа што ја сакаат мајка Македонија“.

Доколку ВМРО ДПМНЕ не предложи нов министер за труд и социјална политика, до изборите предвидени за 12 април, со министерството ќе раководи Санела Шкријељ, која на местото дополнителен заменик министер дојде на предлог на СДСМ. (Н.В.)