Мизрахи го нападна Заев за промената на името


Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, го потсети од собраниската говорница лидерот на СДСМ, Зоран Заев, дека тврдел дека нема да го смени името на државата прашувајќи дали сега ќе го смени и името на јазикот. Заев, пак, ѝ реплицираше со пораката дека помина времето на лажни патриоти.

Мизрахи ги цитираше изјавите на Зоран Заев во однос на промената на името, промената на Уставот, неколкуте негови изјави низ годините за датумот за членство во Европската унија, па рече дека Заев излажа за сѐ –  и за името, и за Уставот и за датумите за членство. Алудирајќи на реалциите со Бугарија, Мизрахи праша дали сега ќе се откажеме и од Гоце Делчев.

„И сега дали ќе се откажете од јазикот или од Гоце Делчев, како што се откажавте за името за кое се колневте во своите деца“,праша Мизрахи.

Заев одговори дека се пласираат искривени тези, но тие веќе не поминуваат, а граѓаните за тоа дале потврда на изборите.

„Овие искривоколчени тези повеќе не поминуваат затоа што ВМРО-ДПМНЕ не направи ништо за да го смени она што беше наша реалност, кога насекаде во светот беве ФИРОМ. Ништо не направивте. Само дома бевме Македонци и зборувавме македонски јазик, а сега сме за цел свет Македонци и зборуваме македонски јазик, признаени од сите“, рече Заев.

Според него, и премиерот на Бугарија Бојко Борисов дошол тука, изразувајќи почит кон еврејската заедница и зборувал за македонскиот народ, за што можело само да се сонува во минатото.

„Ова време на лажни патриоти заврши. Со овие избори е направен пресек. Трубевте со сите можни труби насекаде лажни тези за кои народот на изборите ви потврди дека не ви верува воопшто. Денеска и премиерите и лидерите на Грција зборуваат за Северна Македонија во која што живеат Македонци што зборуваат македонски јазик“, рече Заев.