Мизо: Комората да обучи 100 нови лидери кои ќе создаваат нова додадена вредност


Виктор Мизо (Фото: Б. Грданоски)

Виктор Мизо, генерален директор на „Костал Македонија“ и потпретседател на Стопанската комора, човек кој своето знаење и искуство стекнато во странство сака да го пренесе во својата држава, во најновото издание на подкастот „Бизнис-клуб“ со Бранко Азески зборува за задачата на Комората да создаде, изгради, да обучи, развие и да промовира 100 нови лидери, млади, стручни, образовани, емпатични, кои ќе бидат движечката сила на Комората, на нејзините членки, но и на државата, на македонската економија и на општеството, лидери кои со своето знаење и компетентност секојдневно ќе создаваат нова, додадена вредност преку креирање нови и иновативни услуги.

Според него, ако сакаме напредок на македонската економија и на општеството во целина, а истовремено да бидеме и привлечна дестинација за странски инвестиции, 100-те лидери во следните 100 години ќе мора да ја трансформираат Комората во двигател на активностите насочени кон зголемување на правната сигурност и извесност, како и кон создавање предвидливи и одржливи услови за водење бизнис.

Виктор Мизо истакнува дека работите во една компанија зависат од лидерот, неговите способности, неговите идеи и од неговата креативност, но лидерот мора да ја има поддршката од целиот тим и заеднички да работат. За него не е важна лојалноста на вработените, туку довербата заеднички да се работи.

„Лојалноста не е најважната работа, туку некој да верува во тоа што сакате да го постигнете и каде сакате да ја однесете организацијата; да креирате ентузијазам и желба луѓето со жар и волја да работат на постигнување на заедничката цел“, потенцираше Мизо.

Во продолжение на подкастот тој зборува за важноста на човечкиот кадар, на неговата едукација и неговото доусовршување, кои треба да бидат континуирани, да нема застој и да има систем кој ќе се надградува.

„Во секоја компанија, во секоја организација човечкиот кадар е основата. Без човечки кадар и без знаење не можете да одите напред. Може да имаме колку сакаме роботи и автоматика, но без луѓе не оди ништо. Неопходно е континуирано учење и доусовршување на полето на менаџментот и на лидерството, како и во сферата на работењето, затоа што тоа што се учи на факултетите не е доволно бидејќи технологијата оди напред“, истакна Мизо.

Според него, треба да се следат примерите на странските компании, кои имаат план за кадар кој ќе треба да ги замени лидерите доколку се случи нешто со нив. Објаснува дека странските компании за секоја позиција имаат планирано луѓе, кадар однатре, кој ќе го замени лидерот доколку се случи нешто со него. Тие никогаш не замаат кадар однадвор, самите го креираат кадарот кој расте и напредува во скалата на раководење. Тој потенцираше дека овој пример треба да го применуваат и државата и Комората.