Мизо: Ако ги отпушиме работниците, која е гаранцијата дека ќе се вратат


Виктор Мизо, генерален менаџер на „Костал“, во интервју за „Утрински брифинг“ ја анализираше состојбата во економијата, од аспект на пандемијата и фактот дека  Македонија 70 отсто од својот БДП го остварува преку стоковата размена со светот.Според Мизо, кризата во автомобилската индустрија започнала пред девет недели.

-Сите оние ланци на добавување, особено во Кина, Азија почнаа да затвораат и ние (Костал) имавме проблеми како да ги обезбедиме основните компоненти. Имавме големи трошоци за транспорт и во многу случаи тие компоненти требаше да ги купуваме од европски дистрибутери по многу високи цени, се со цел да не го затвориме прозиводството на нашите клиенти кои се произведувачи на возила на европскиот пазар.

-Ние како компанија имаме производство наменето за кинескиот пазар – пред се за БМВ и Мини. Се тоа во Кина се затвори. Од таа гледна точка веќе во февруари имавме намалување на нашето производство за повеќе од 10 отсто. Но веќе во март ова намалување ќе достигне 50 отсто од планираното. Во моментов сите компании кои произведуваат возила во Европа се затворени. Мината недела започна тој бран на затворање и конечно оваа недела се е затворено. Но,  сега имаме производство за кинескиот пазар, она што не работеше во изминативе речиси 10 недели, изјави Мизо.

Тој додаде дека во фабриката прво ги адаптирале правилата на работа согласно мерките на Владата.

-Не работиме континуирано 7 дена во неделата три смени, туку пет дена, две смени по шест работни часа. Отпуштања нема да има. Без разлика дали работниците се на определено или неопределено време. Ќе дојде и времето кога ќе треба да се вратиме во целосно производство. Според мене основно сега е да си ја задржиме работна сила, бидејќи досега имаме вложено многу во нивните капацитети и знаења. Ако сега ги отпуштиме кој ќе ни гарантира дека по три или шест месеци тие се уште ќе бидат присутни на пазарот на труд или дека ние ќе ги донесеме кај нас. Можеби ќе отидат во друга компанија. Така што задржување на вработените во овој момент е многу важно иако ова се трошоци за нас како компании, порача Мизо.

Околу мерките на Владата тој напомена дека многу сопственици не се од Македонија, голем дел се во Европа или во САД и тие ќе споредуваат каде и на кој начин државата им помогнала.

-Треба да размислуваме како држава дека можеби е ова една можност и шанса кога ќе заврши кризата, ако ние сме се справиле подобро, со сета оваа помош и поддршка на компании, да поентираме. Да ги прошириме посоечките компании, бидејќи Македонија би била подобро позиционирана да помогне на овој сектор, изјави за „Утрински брифи“нг Виктор Мизо.