„Мизар – Откровенија 1981-2021“- прва монографија за македонски бенд
„Мизар – Откровенија 1981-2021“ е новото дело на музичкиот новинар и хроничар Тошо Филиповски, што беше промовира вчера во Скопје, од кога ќе се најде и во продажба.
Опишана како прва монографија за еден македонски рок бенд, книгата дава детален приказ на историјата на една од највлијателните и најзначајни македонски групи, вклучувајќи концерти, плакати и интервјуа. На 333 страници се содржани 200 фотографии, од кои половина се досега необјавени.
Монографијата за „Мизар“ е четвртата книга за македонската рок музика што Филиповски ја објавува во рок од четири години, а следува по „Македонска рок енциклопедија 1963-2018“ (2018), „Македонска дискографија-винили 1958-2019“ (2019) и „Македонски рок времеплов“ (2021).