Митрески: За Буџетот прифатени амандмани на опозицијата во вредност од 350 милиони денари


Специфика на Предлог-буџетот за 2022 година е што има најмалку амандмани поднесени од опозицијата, која претходно поднесувала од 900 до илјада амандмани, при што се прифатени амандмани за одделување на средствата во висина од 350 милиони денари, што е најголема сума во последните 15 години, истакна координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески во гостувањето во „Утрински брифинг“.

Тој нагласи дека ова е доказ за демократскиот капацитет на актуелната власт, потсетувајќи дека кога СДСМ бил во опозиција биле прифаќани амандмани „во незначителен износ до три милиони денари“.

– Од утре ќе почнеме да го разгледуваме Буџетот и до наредниот четврток, се надевам дека тој ќе биде изгласан, истакна Митрески.

Осврнувајќи се на работата на Собранието, Митревски истакна дека не очекува нова блокада за законските решенија од страна на пратениците од опозицијата, судејќи по договорот од неформалните состаноци на координаторите на пратеничките групи.

– Доколку Законот за работни односи не беше блокиран, недела веќе ќе беше неработен ден, истакна Митрески, појаснувајќи дека ова законско решение е влезено во комисиска расправа уште во септември, но не помина поради блокадата од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој нагласи дека важен закон за подобрување на статусот на работниците е и Законот за минимална плата кој е на предлог на СДСМ.

– Јас очекувам тој да не биде блокиран и минималната плата да се зголеми на 18 илјади денари, порача Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески, во гостувањето во „Утрински брифинг“.