Митрески: Се надевам дека по вакцинацијата ќе се нормализира работата на Собранието


 Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески денеска изјави дека сите пратеници на владејачката партија биле дојдени на вакцинација, но дека се консултираат со лекарите за тоа дали може да ја примат вакцината против Ковид-19.

Пратениците од македонското Собрание денеска се вакцинираат со првата доза од вакцината Спутник V.

-Од нашата пратеничка група сите пратеници денеска се тука присутни, прават консултации и со лекарите и со сите здравствени работници кои се тука во смисла на тоа кои се тие коишто го прележале вирусот дали треба да примат денеска вакцина или треба да одложат за следен период со оглед на тоа што, не знам како ги кажуваат стручно, имаат одреден број на антитела, изјави Митрески.

И тој се надева дека вакцинацијата ќе помогне да се нормализира работата на законодавниот дом и  во тој процес пратениците заедно да излезат од кризата којашто се случува во Собранието со единствена цел да работат во интерес на граѓаните и на оние којшто не избрале.

Според него, процесот на вакцинација се одвива одлично. Митрески ги повика граѓаните да се појават во времето во кое ќе бидат повикани за што поуспешно и подобро да се заврши овој процес.

Во текот на денот поделени во три групи во ВИП А1 Арената ќе се вакцинираат пратеници од сите пратенички групи, како и дел од вработените во собраниските служби кои не беа вакцинирани со првата група.

Претходно денеска претседателот на Собранието Талат Џафери, кој ќе се вакцинира попладнево, рече дека очекува после ревакцинацијата да се нормализира работата на Собранието.

До здравствените власти, Кабинетот на Џафери го доставил комплетниот список од 120 пратеници, а тие според своја волја и здравствената состојба ќе решат дали ќе се вакцинираат.