Митов: Одлично се држиме


Успешноста на Германците во здравствениот систем се огледа во контролирањето на смртноста. Се смета дека многу добро постапија во делот на интензивната нега. Некогаш ако треба и порано го ставаат пациентот на вентилатори со цел целата болест да има подобар тек. Тука мора да се спомне и генералната дисциплина на населението, изјави за „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“, доктор Александар Митов.

Според него, бројот на лаборатории во Германија е огромен. Тие практично се ангажираат и се ставаат во погон. Дисциплината и нивната стручност се носители на квалитетот на здравствениот систем. Најмногу е инвестирано во кадарот. Имаат промислена здравствена стратегија во однос на вирусот, и не тргнаа по принципите кои што се обидоа да ги наметнат Велика Британија и Шведска.

„Од старт ја сфатија сериозно работатата и го немаше тој иницијален момент на релаксираност, којшто доведе во одредени земји токму таквиот начин на работа да го доведе нивниот здравствен систем практично и да се разлета на парчиња“, рече Митов.

Околу тезата – „тестирај, тестирај, тестирај“,  Митов вели дека здравствениот систем треба да се сфати како еден систем и тестирањето е само еден дел.

„И да ги добиете резултатите од тестирањето прашањето е што ќе правите во следната фаза. Второ, по која доктрина ќе трестирате. Едната е таа – тестирај, тестирај, тестирај – а другата е барање на активните случаи и изолацијата на случаите околу нив. Што и да се одбере треба да се разбере дека имаме здравствен систем којшто има една целина. САД зедоа практичен пример – велат немаме толку тестови за да тестираме масовно. Поставија приоритети. Тестирањето е во нивна служба кога немате толку многу тестови како што има Германија. Тестирањето не е само удирање на копчето ентер. Тоа бара специјализирани тестови, тимови, инфраструктура“, рече Митов.

Критиките кои доаѓаат од опозицијата според него се практично лага.

„Едната е дека имаме еден од најзаразените медицински персонали во светот, што не е точно. Тоа во мометот е 9,5 проценти, а просекот е над 10 отсто, а во некои земји е и 13, 14, 15%. Втората теза е дека во Македонија малку се тестира, а сепак Македонија во споредба со регионот е најдобра по Словенија“, вели Митов.

Според него, мора да се сфати дека здравствениот кадар насекаде во светот е прв на удар и тоа не е чудо.

„Лекарите се тие кои што се први на удар од заразата. Ако сакаме да правиме компаративна анализа на нашата земја со другите земји и колку се заразени здравствените работници – 3.300 медицински лица беа заразени во Кина. 2.500 во Италија, неколку илјади во Шпанија… Доколку одиме во проценти тој се движи меѓу 10 и 15 отсто за овие кризни жаришта. Дури и ако анализираме регион по регион, во Бреша 10-15 отсто од целиот здравствен кадар, е заразен со корона“, вели тој.