Митингаши од Македонија со бесплатен превоз и сендвичи на митингот на Вучиќ во Белград
Стотина автобуси на 26 мај треба да пристигнат во Белград на собирот што го организира српскиот претседател Александар Вучиќ, кој неговата власт го најавува како најголем во историјата, а јавноста го гледа како контрапротест на масовните демонстрации на опозицијата под слоганот „Србија против насилството“ по двете масовни убиства. Автобуси за собирот на Вучиќ нема да пристигнат само од Србија, туку и од Куманово, Скопје и други градови во Македонија.
Телевизијата Н1 направи репортажа од земјава по повод организацијата на превозот. Здружението кое го организира бесплатниот превоз за 26 мај е со седиште во зградата на поранешниот премиер Никола Груевски, а го носи името „Мир, слога, стабилност“ што, пак, потсетува на последниот изборен слоган на Вучиќ кој гласеше: „Мир, стабилност, Вучиќ“. Иако претседателот на ова здружение пред камерата на Н1 негира дека организира превоз, на телефонскиот број оставен во огласот, пак, даваат детални информации за местото на поаѓање, за тоа дека има бесплатни сендвичи, вода итн.
Во Куманово пак организатор на превоз за митингот во Белград е Мирослав Тричковиќ, кој инаку е советник во Советот на Општина Куманово од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
„Ова е лично моја иницијатива која ја покренав затоа што во Куманово има многу државјани на Република Србија кои гласаат на избори. Овде последните избори покажаа дека има многу, и формирано е изборно место овде покрај тоа во Скопје. Што се однесува до резултатите, претседателот Вучиќ доби најмногу доверба од граѓаните кои гласаат во Куманово и Скопје, повеќе од 90 отсто“, вели Тричковиќ.