„Мит и стварност“ нова книга на Паскал Гилевски

„Мит и стварност“ е новата книга на македонскиот автор Паскал Гилевски што излезе од печат во издание на книгоиздавателството „Панили“. Книгата е сублимат и синтеза на неговото шестдецениско творечко – преведувачко и критичарско искуство и претставува значаен влог и за есеистиката и критиката во земјава.
Новата книга на Гилевски е достапна за читателите во книжарниците на „Матица македонска“.
– Како ретко даровит автор, Паскал Гилевски во своите младешки години особено внимание ќе посвети на изучување на грчкиот, унгарскиот и францускиот јазик. Таа негова опседнатост во изминативе шеесет години творечка дејност ќе придонесе денес во негов превод на македонски јазик да ги имаме делата на големите француски писатели Оноре де Балзак, Ромен Ролан, Теодор Готје, Виктор Иго, Франсоа Вијон и на Алберт Ками, потоа на грчките класици Сеферис, Казанѕакис, Јанис Рицос, Рита Буми Папа, како и антологиските унгарски писатели Шандор Петефи, Ендре Ади, Шандор Вереш, Ференц Јухас и многу други. Во еден дел, книгата „Мит и стварност“ е резултат токму на неговата темелита посветеност на творечките опуси на овие автори, велат од „Матица македонска“.
Во посебно поглавје од книгата „Мит и стварност“, Гилевски пишува за култната поема „Сердарот“ од Григор Прличев, за романите „Уткини соседи“ од Божин Павловски, „Црна билка“ од Ташко Георгиевски, „Зора зад аголот“ од Димитар Солев и др.
– Паскал Гилевски е пасиониран вљубеник и одличен познавач на творештвото на овие автори. Преводите на делата на големите светски писатели, тој ги проследува со критичко-есеистички толкувања. Благодарение на неговата преведувачка дејност,како и неговата упатеност во литературата, тој ја создал книгата „Мит и стварност“, која ќе заземе посебно место во областа на критиката и есеистиката. Всушност, „Мит и стварност“ е дело на голем зналец е исклучително упатен писател во француската, грчката, унарската литература и македонската литература, ќе напише Иван Антоновски.
Гилевски (1939, Сетома, Егејска Македонија) е раскажувач, романисер, поет, есеист, критичар и преведувач. По Граѓанската војна во Грција, од 1948 до 1956 година живеел во Унгарија, а потоа се преселил во Скопје. Завршил прв степен на Академијата за ликовни уметности во Белград, како и Филозофски факултет во Скопје. Работел како ликовен рецензент во весниците „Нова Македонија“ и „Вечер“. Од 1999 до 2002 година бил директор на Националната библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, а бил и претседател на Советот на Струшките вечери на поезијата. Некое време живеел во Париз, а престојувал и во Италија, Англија, Холандија, СССР, Чехословачка, Египет, Сирија, Јордан итн. Гилевски е член на Унгарската академија на науките и уметностите, Македонскиот ПЕН центар и на Друштвото на писателите на Македонија (од 1970 година).
Заедно со Ташко Ширилов, во текот на 1971/1972 година, Гилевски бил основач и уредник на весникот „За македонцките работи“, а потоа и на ревијата „Огледало“. Според неговиот расказ „Глава“, снимен е краткометражен филм, во продукција на „Вардар Филм“. Неговите песни и раскази се преведени на повеќе јазици, и тоа: српскохрватски, унгарски, грчки, италијански, француски, турски, словенечки, полски, англиски, украински итн.
Гилевски учествувал во подготовката на повеќе книги со македонска книжевност објавени во Унгарија, Грција и Франција, а бил уредник на повеќе антологии и збирки. Неодминливо е неговото присуство во областа на критиката, есеистиката и публицистиката преку делата: „Толкување на уметноста“, „Поетика на два брега”, „Повредена интелигенција”, „Од мугра до мугра” и „По патот на великаните“.