Мистериозен објект на темната страна на Месечината


Доколку сè оди според планот, светската јавност наскоро би требало да добие повратна информација за она што кинескиот ровер „Јута-2“ го открил на таканаречената темна страна на Месечината.

Имено, новинарот Ендрју Џонс во петокот на својот Твитер профил објави фотографија на која се гледа нешто како „коцка“, а е направена од камерата на роверот, и се наоѓа на приближно 80 километри од него.

Фотографираната „коцка“ во кинеските медиуми веднаш беше наречена „мистична куќа“, а особено ја разбуди имагинацијата на оние кои се надеваат дека конечно ќе добиеме потврда дека единствениот природен сателит на Земјата го користат и вонземјани.

Иако многу љубители на НЛО со години шпекулираат дека вонземјаните имаат нивни „бази“ поставени на темната страна на Месечината, Џонс смета дека истите ќе бидат разочарани од фотографиите што роверот ќе ги испрати наскоро.

„Тешко е да се забележи од сликата, но верувам дека тоа не е нешто на вонземјани“, напиша тој во описот на фотографијата, истакнувајќи дека пред неколку години за време на мисијата „Чанг’e-3“, исто така бил забележан некој камен што ја разбудил имагинацијата на многумина.