Мистерија на парадата во Москва – го немаше првиот човек на руската армија, генерал Герасимов


Валериј Герасимов како началник на Генералштабот, сега командува со руската армија во Украина

 

Меѓу многуте други работи што недостигаа на годинешната поворка по повод Денот на победата во Русија, можеби најзначајно е отсуството на началникот на Генералштабот на руската армија, армискиот генерал Валериј Герасимов.

Овогодинешната парада беше првата на која не се појави највисокиот генерал на руската армија, заедно со претседателот Владимир Путин и министерот за одбрана Сергеј Шојгу, третиот човек кој ги држи клучевите од рускиот нуклеарен арсенал. Шојгу, за разлика од Герасимов, беше дел од поворката во понеделникот.

Кремљ не кажа ниту збор за отсуството на Герасимов, ниту ги објасни причините за неговото отсуство на прославата. Според западни извори, Герасимов лично отпатувал за Украина на крајот на април, каде што лично требало да ја преземе оперативно-тактичката команда на руската офанзива врз Донбас на командното место кај Изјум.

На 1 мај, украински извори известија дека Герасимов бил ранет во напад во близина на Изјум, наводно бил ранет со шрапнел во бутот.

Веста ја пренесе и рускиот независен портал „Агентство“, кој тврди дека од Герасимов било изваден парче шрапнел и дека генералот во стабилна состојба бил пренесен прво во Белгород со транспортен хеликоптер „Ми-8“, а потоа се качил во транспортен авион „Ту-154“ на Министерството за одбрана. Оттогаш му се губи секаква трага, но некои извори наведуваат дека очевидци го виделе како се качил во авионот сам, без помош и дека изгледал здрав.

„Имаше ли друга работа? Дали се опоравува од рана? Дали беше исечен од сликата?“, напиша на Твитер поранешниот командант на американските сили во Европа, генерал Бен Хоџис.

Во говорот по повод Денот на победата и воената парада на централниот плоштад во Москва во понеделникот, рускиот претседател Владимир Путин им оддаде почит на руските вооружени сили во украинскиот Донбас, велејќи дека таму се брани татковината.