Мислење за Фетаи, Раичевиќ и Коцевски побара Владата по огласот за јавен обвинител


Фото: Б. Грданоски

Владата на Република Северна Македонија, на денешната седница донесе одлука да достави писмо до Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија, со барање писмено мислење за пријавените кандидати на Огласот за именување на јавен обвинител на Република Северна Македонија.

Советот на ЈО, согласно законските рокови, треба во рок од 15 дена да даде позитивно или негативно мислење до Владата, по што Владата до Собранието предлага еден од кандидатите што добил позитивно мислење.

На огласот за нов државен јавен обвинител се пријавиле тројца кандидати – Фатиме Фетаи од Вишото јавно обвинителство Скопје, Лидија Раичевиќ од Основното јавно обвинителство Скопје и Љупчо Коцевски од Јавното обвинителство на РСМ.

Собранието огласот го објави на 29 ноември годинава, откако пратениците ја изгласаа одлуката за именување нов јавен обвинител.

На актуелниот државен јавен обвинител Љубомир Јовески мандатот му истекува на 25 декември.

Според Законот за јавно обвинителство за јавен обвинител на Република Северна Македонија може да биде именувано лице кое има непрекинат работен стаж од најмалку десет години како јавен обвинител или како судија од областа на кривичното право.

Јавниот обвинител се именува од Собранието, по предлог на Владата со мандат од шест години и право на повторно именување. За својата работа и работата на Јавното обвинителство одговара пред Собранието.

Актуелниот државен обвинител, Јовевски, беше именуван на 25 декември 2017 година, а го наследи Марко Зврлевски, кој беше разрешен во август истата година.