Мисијата на Индија на Месечината чинеше помалку од снимањето на филмот „Интерстелар“


Во текот на 1960-тите и 1970-тите, НАСА издвои над 250 милијарди долари за своите различни мисии, додека Индија деновиве успеа да влезе во вселенската историја за мал дел од таа сума.

На 23 минатиот месец индиското вселенско летало „Чандрајаан-3“ (Chandrayaan-3) слета на јужниот регион на Месечината, од каде ги испрати првите фотографии од Земјиниот сателит.

По неуспешниот обид во 2019 година, овој потфат беше широко прославен во оваа земја, особено затоа што чинеше „релативно евтино“ кога ќе се земат предвид сметките на НАСА (мора да се нагласи дека НАСА ја инвестираше оваа сума во бројни потфати) .

Chandrayaan-3, како што пишува Унилад  (Unilad), ја чинел државата и Индиската организација за вселенски истражувања (ISRO) само 6,15 милијарди рупии, што е околу 75 милиони долари (околу 70 милиони евра).

Но, тоа не е само евтино според стандардите за инженерство или истражување на вселената, туку и кога станува збор за холивудските продукции каде актерите се преправаат дека се астронаути (и заработуваат многу повеќе од вистинските).

Унилад го даде примерот на епскиот научно-фантастичен филм на Кристофер Нолан од 2014 година „Интерстелар“, чија изработка чинеше 165 милиони долари (околу 150 милиони евра).

И тој не е единствениот – „Марсовецот“ на Ридли Скот, со Мет Дејмон во главната улога, „потроши“ огромни 108 милиони долари за прикажување на големото платно.

Шефот на ИСРО С. Соманат изјави за АНИ дека роверот „Прагјан“ е распореден на јужниот пол на Месечината, а Индија е првата земја што слета таму.

За време на двонеделната мисија, ќе користи два инструменти за спроведување на експерименти поврзани со елементите и хемискиот состав.

Тој ја најави и вежбата за планирање патека за роботи која, како што посочи, „ќе биде многу важна за нивното идно истражување“.

По успешното слетување, индискиот премиер Нарендра Моди рече дека тоа е неверојатно достигнување за земјата.