Мишко Ралев избран за нов претседател на УО на Асоцијацијата на архитекти


Професор д-р Мишко Ралев, архиект и декан на Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот „Американ Колеџ“ во Скопје, е избран за нов претседател на Управниот одбор на Асоцијација на архитекти на Македонија (ААМ).

Изборното Собрание на ААМ на кое беше избрано ново раководство се одржа вчера на отворен простор во дворот на Архитектонски факултет во Скопје, согласно мерките пропишани од надлежните.

Од Асоцијацијата соопштија дека за претседател на Собранието на ААМ е избрана Искра Јанковска Михајловска, архитект од Скопје.

За Членови на управниот одбор на ААМ се избрани архитектите Александар Радевски, Иван Арсовски, Бесиан Мехмети, Јана Гугулоска-Ѓорѓевиќ, Марта Илиевска и Мартин Деловски.

Досегашниот претседател на УО, архитект Мартин Пановски се заблагодарил за довербата од членството и потенцирал дека со голема чест и задоволство ја предава функцијата на новиот претседател, со, како што посочил, верба дека и натаму Асоцијацијата ќе биде двигател и промотор на архитектонските вредности во нашата држава.

– Асоцијацијата на архитекти е здружение кое има суштинско значење, во секоја смисла на зборот и во својот домен на работа е директно поврзано со архитектурата и делата на архитектите. Оттука, како што всушност архитектурата меѓудругото значи и поврзување, релација со луѓето и општеството, ќе ни биде од суштинско значење во континуитетот со менаџирањето со ААМ. Или, отворени за јавноста за сè она што значи исполнување на простор во архитектонска смисла е премисата по која ќе одиме напред. Имаме старо-нов Управен одбор, од кој очекувам да продолжи интензивно и посветено да работи на унапредување на контактите и врските со јавноста, со политичкиот естаблишмент, со локалната самоуправа и со надлежните Институции во правец на отвореност за дебата, конструктивност и критики кои се неопходни во донесувањето точни одлуки кои се однесуваат на исполнување на просторот, истакна Ралев.