Мишел: Македонци, го направивте првиот клучен чекор


Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел го поздрави почетокот на преговорите на Македонија и на Албанија со ЕУ.  

„Конечно направивме важни чекори напред во отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија. Во Брисел се одржаа меѓувладини конференции на министерско ниво за спроведување на одлуката на Европскиот совет од март 2020 година за отворање на пристапните преговори. Им честитам на властите и на граѓаните на Северна Македонија и Албанија за ова долгоочекувано достигнување.

Сфаќам дека патот до оваа точка е долг и предизвикувачки. Како што видов од прва рака, дебатата беше особено интензивна во Северна Македонија, но на крајот доведе до позитивно гласање во националниот парламент, Собранието. Македонци, денес вашата земја го прави првиот клучен чекор на патот на преговорите со Европската унија. Како што реков во Скопје пред неколку дена, Северна Македонија може да смета на мојата целосна поддршка на ова патување. Земјата презеде важни реформи и знам дека Македонците се посветени на нашата заедничка иднина во ЕУ.

Денешното одржување на МГК ја отклучува следната фаза и за Албанија и за Северна Македонија. Сега ќе започне процесот на скрининг, не само ажурираниот објаснувачки скрининг, туку и билатерални скрининзи. Претстои напорна работа за нашите преговарачи, во Скопје, Тирана и Брисел, во оваа клучна фаза. Во наредните месеци ова ќе изгради солидна основа за отворање на кластерите на преговарачките поглавја.

Паралелно, ЕУ ќе се фокусира на повторно поттикнување на процесот на проширување. На состанокот на лидерите ЕУ-Западен Балкан и на јунскиот Европски совет, решивме да внесеме нова динамика и нова определба да одиме напред заедно. Дополнително ќе ја унапредиме постепената интеграција на ЕУ и регионот, веќе во текот на процесот на проширување. Западен Балкан припаѓа на ЕУ и ние треба да го оствариме тоа. Нашата иднина е заедно, а иднината на нашите деца ќе биде попросперитетна и побезбедна додека го унапредуваме нашиот проект за заеднички вредности“, порача претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел.