Мисајловски настапува како жртва на политичко насилство, но ќе води кампања со „исправена кичма“


Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листата на кандидати за пратеници во Изборната единица 2 ја почна кампањата преставувајќи се како жртва на политичко насилство, но  решен и покрај тоа да води позитивна кампања.

Според него, како на последните локални избори, така и сега непосредно пред кампањата за овие избори, нему и на семејството им се случиле многу лоши работи, палење на имот, на куќата, а сега палење на дуќанот.

-Сакаат да ме исплашат, сакаат да не одам на терен. Да им порачам јас сум Владо Мисајловски, ме викаат Кендо. Им порачувам дека јас ќе водам позитивна кампања со гордо крената глава и исправена кичма. Ќе одам секаде со моите прекрасни луѓе, а тие со нивните багабонти криминалци“, рече Мисајловски.

Носителот на листата на пратеници во ИЕ 2 истакна дека акцент ќе се стави на борбата против корупцијата.

„Мора да се стави крај на  корупцијата и криминалот на Заев, Спасовски, а овде во Ѓорче Петров на Наумовски. Ќе продолжам со позитивна кампања. Јас не можам да размислувам за црни работи. Јас ќе зборувам за колку ќе бидат повисоки платите, пензиите, ќе зборувам за инфраструктура“, рече Мисајловски. Тој заклучи „да се натпреваруваме со проекти, а не со подметнување на црни сценарија“.

Неколку дена претходно, по подметнатиот експлозив пред неговата пекарница кој предизвика мала штета, СДСМ јавно излезе со осуда на настанот и го повика министерот Наќе Чулев од ВМРО-ДПМНЕ да поведе истрага, бидејќи има механизам за тоа, но тој досега не излезе во јавноста да каже било што околу овој случај.

Кругови наклонети на СДСМ ваквите настапи на Мисајловски ги нарекоа реализација на неговиот пиромански план, потсетувајќи дека не му е првпат да глуми жртва на напад. Според овие информации во  2017 година, кога Мисајловски беше кандидат за градоначалник на Ѓорче Петров, на почетокот од кампањата бил опожарен неговиот дом, а камерите случајно (!) биле исклучени. Сега, кога Мисајловски е кандидат за пратеник и носител во ИЕ 2, повторно се случува истата режија – доцна во ноќта, била опожарена неговата пекара. Притоа го поставуваат прашањето, како  баш пред секоја кампања во која Мисајловски е кандидат за некоја функција, нешто во неговиот „двор“ гори? И како си дозволува да го обвинува СДСМ дека сакаат да го замолчат кога  истрагата ја води негов партиски другар, министерот Чулев, а таа се уште е во тек. Пак ли камерите се исклучени?- прашуваат овие извори блиски до СДСМ.