Мирослав Грчев: Приказната за мораториумот за градење е анахрона
„Слушам и гледам со периферен вид дека се случува голема дебата во јавноста, во медиумите, доби и некакви институционални форми, но изградабата на згради кај ‘Холидеј Ин’ јас не можам да ја ставам на исто рамниште со дискусијата и сечата на дрвјата на Водно и уништувањето на парк шумата и белите дробови на градот.
Во вториот случај во ‘Водњанскиот злостор’ е вистинска атака на цивилното општество, на правната држава на основните права, на темелните вредности, на уставниот поредок, се кршат сериозни јавни интереси. Во случајот со ‘Холидеј ин’ се работи за дискусија која што е повеќе архитектонска или урбаниситичка, просторот не е јавен. Предност во сите, особено во градските теми, предност е општото добро, јавниот интерес, заедничкиот интерес, а поединечните случаи се решаваат на сосема друго ниво“, изјави во емисијата „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ архитектот проф. Мирослав Грчев.
Според Грчев доколку ние сме општество кое што може да ги поправа штетите, да ги препознава грешките и да смогне друга општа, јавна, граѓанска волја да ги поправи грешките, ние нема да бидеме општество што ќе ги толерира оние грдотии, ужасни повреди на Уставот, законот и нашите права на град, како што се Порта Македонија, Мајка Тереза, Спомениците на Александар и на Филип Македонски. „Тоа е не е ни барок, ни лажен барок, тие се споменици на фашизмот, кои го слават македонскиот фашизам и заробената држава. Ние ги толерираме. Никој што го толерира ужасот од ‘Скопје 2014’ нема морално право да зборува за градби, за архитектура или за правен поредок“, вели Грчев.
Тој вели дека и ГУП и ДУП се незаконски усогласени. „Приказната за тој лесен мораториум и тие лесни суспензии кои не се ставени во функција е исто така една анахрона приказна. Мораториумот не постои во законот. Во Уставот не постои таква категорија. Од минатото лето постои законски инструмент кој што по исклучок, селективно, таргетирано и стручно препознаено ќе се елаборира дека еден конкретен дел од план треба да се суспендира и во исто време, вели законот, мора да почне неговата измена и тука е суспензијата како времена мерка која што треба да ги сопре штетите. Ова се случува за јасни повреди на јавниот интерес. Не се случува паушално. Мораториумот имаше легитимитет кога беше донесен, без оглед што немаше законски основ, затоа што дојде во време после системска, државна злоупотреба на урбанистичките планови на земјата, злоупотреба на градот, на јавните простори. Земјиштето кај ‘Холидеј Ин’ не е јавен простор. Тоа што треба таму да има не може да биде прашање на нечие убедување и личен вкус и не може да е предмет на разговори на нестручни луѓе. Овде се мешаат многу работи. Таму е донесен ГУП. На ниво на ГУП се одлучува за распоредот на намените, наменските зони. ДУП-от го разработува генералниот на поединечни делови и таму само се спроведува, не може да се смени она што во ГУП-от е уредено“, нагласи Грчев.