Миодраг Дака Давидовиќ: Парите ги дадов на Кичеец во времето на Никола Груевски


Откако неговиот разговор со Зоран Милески – Кичеец беше употребен во кампањата, црногорскиот бизнисмен Миодраг Дака Давидовиќ излезе со јавна реакција нарекувајќи ги неточни и злонамерни написите објавени во македонските медиуми. Тој исто така тврди дека парите што се споменуваат во снимката  ги исплатил на Кичеец за консултантски услуги, и тоа не во времето на владата на Зоран Заев туку во времето на владата на Никола Груевски.

-По повод многуте неточни и злонамерни написи објавени во последните денови во одделни медиуми во Република Северна Македонија, имам лична и професионална обврска да ја соопштам вистината во врска со снимениот разговор, кој го имав со бизнисменот Зоран Милевски.

Милевски го запознав преку угледен белградски бизнисмен кон крајот на 2016 година. Милевски ми е препорачан како сериозен деловен човек од Македонија, кој е во можност да ми ја пружи потребната поддршка и логистика, поради што и го ангажирав како консултант, преговарач и посредник, во деловни проекти кои сакав да ги реализирам во Република Северна Македонија.

Како сопственик на голема површина земјиште во општина Штип, на Брегалница, кое по локацијата е погодно за изградба и работа на мини хидроелектрана и паркови за енергија од ветер, постигнав договор со познати австриски и кинески компании, кои беа подготвени да обезбедат финансиски средрства за реализација на овој проект, додека моја обврска, како сопственик на земјиште, беше да обезбедам градежна дозвола и сите останати документи, потребни за реализација на овој проект.

Со оглед дека се работеше за проект од повеќемилионска вредност, износот од 300.000 евра на име на консалтинг услуги, посредување, логистика и застапување пред надлежните органи во Република Северна Македонија не беше несразмерен со толку голема вредност на проектот.

Значи, медиумската квалификација дека се работи за мито е премногу насочена и пресметана, бидејќи во овој деловен однос не постои ниту еден елемент што би укажувал, а камоли одредувал наведена исплата како мито и корупција. Сето ова укажува дека некому е цел деловно да ме дискредитира и да се обиде да ја спречи реализацијата на започнатите деловни проекти во Република Северна Македонија.

Фактот дека наведените парични средства сум ги исплатил на Зоран Милевски во време на владата на Никола Груевски, а не во време на владата на Зоран Заев, исто така потврдува колку написите се невистинити, а над се со цел и монтирани.

Милевски, и покрај сите ветувања и преземени обврски, не успеа да обезбеди ниту една дозвола, ниту презеде какви било активности за реализација на проектот во Општина Штип, а единствено што стори за мене е што ми организираше состанок со премиерот Зоран Заев.

Точно е дека на состанокот со премиерот Заев ги изложив своите планови во врска со изградба на мини хидроелектрана и паркови на енергија на ветер. Меѓутоа, соопштено ми беше дека сите концесии за овој вид дејност се по повластени тарифи, веќе доделени, упатувајќи ме кај генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски да  проверам какви се плановите на Владата за идниот период, врзано за доделување нови концесии. Меѓутоа, ниту до денешен ден не добив информација која би укажала дека во иднина би можел да очекувам реализација на наведениот проект.

Евидентно е дека Милевски не исполнил ниту една преземена обврска, како и дека не сум реализирал ниту еден деловен проект, така што огромните парични средства што ги вложив во недвижности останаа неактивни и заробени во Република Северна Македонија, поради што не остварив никаква корист. Тоа се укажува дека квалификациите на одредени медиуми  дека во овој случај се работи за мито се неточни и злонамерни и само и штетат на оваа држава, бидејќи ова е лоша порака на сите странски инвеститори кои сакаат да инвестираат во Република Северна Македонија, стои во реакцијата на Давидовиќ.

Инаку, ВМРО-ДПМНЕ и денес го повика Јавното обвинителство да отвори предмет за случајот.