МИОА ќе соработува со седум универзитети во областите јавна администрација, ИКТ и медиуми


Министерството за информатичко општетство и администрација ќе соработува со седум универзитети во земјава во областите јавна администрација, информатичко-комуникациски технологии и медиуми.

За таа цел министерот Азир Алиу денеска потпиша меморандум за соработка со ректорите односно претставниците на универзитетите „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, „Св. Климент Охридски“ – Битола, Универзитетот на Југоисточна Европа, ⁠Државен универзитет Тетово, ⁠Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, ⁠Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ – Охрид и ⁠Универзитетот „Мајка Тереза“ – Скопје.

Алиу изјави дека МИОА има активни закони за креирање систем поврзан со областите во кои ќе се соработува и дека тоа не може да се спроведе без вклученост на универзитетите.

-По овој меморандум цениме дека ќе имаме заеднички настапи, и од аспект на креирање нови политики, но и од аспект на имплементирање на постојните законски решенија на ниво на државата. Се надевам дека е ова само прв чекор каде што МИОА заедно со универзитетите ќе креираат нови вредности во државата, изјави Алиу по потпишувањето на меморандумот.