Mинистерот за животна средина не се појави на пресот за Трубарево, новинарите го бараа


Фото: Б. Грданоски

МИнистерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, кој воедно е и вицепремиер, вечерва не беше на вонредната прес-конференција во МВР, а новинарите прашуваа зошто деновиве, кога горат неколку депонии, тој воошшто не дал никакви информации лично.

Министерот за здравство, Азир Алиу со министерот за внатрешни Панче Тошковски рекоа дека и двајцата разговарале со него и со неговата заменичка-министерка, но каде се, упатија новинарите да ги прашаат лично.

Прашан каде е минситерот за животна средина, Меџити, кој наместо во Труберво каде гореше токсичен отпад беше на партиски настан, изјави дека материјалот од местото на пожарот е земен од акредитирана институција и најави дека официјалните резултати ќе бидат објавени во понеделник.

„Од акредитирана институција е земен материјалот. До понеделник ќе имаме официјални резултати. Ќе ве известиме на прес-конференција“, рече Алиу.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, потврди дека повеќепати разговарал со претставници од Министерството за животна средина, меѓу кои и со самиот министер и неговата  заменчка.

„Да, госпоѓо, кажав, неколку пати разговарав со министерот за животна средина, со заменик-министерот за животна средина. Со луѓе за животна средина“, истакна Тошковски.

Новинарите инсистираа да добијат одговор зошто ресорниот министер Изет Меџити не е присутен и зошто не се обраќа по повод еколошката катастрофа, на што Тошковски одговори: „Обратете му се, прашајте го, ви кажав дека неколку пати разговарав“.

Вечерва, на вонредната прес-конференција присуствуваа министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за здравство Азир Алиу, министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, министерот за одбрана Владо Мисајловски, Љупчо Димовски, заменик-претседател на Владата за политички систем и Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување.