Министрите за внатрешни работи на Западен Балкан утре на состанокот на Берлинскиот процес
Германија– Министрите за внатрешни работи на земјите учеснички во Берлинскиот процес утре ќе имаат средба во Берлин на покана на германската министерка Ненси Фесер, како дел од подготовките за самитот на Берлинскиот процес, што ќе се одржи на 3 ноември во главниот град на Германија.
Главни теми на состанокот на министрите ќе бидат илегалната миграција, борбата против корупцијата и организираниот криминал и третманот на повратниците од областите под контрола на џихадистите, соопшти германското МВР.
Поканети се министрите на Австрија, Бугарија, Франција, Грција, Хрватска, Италија, Полска, Словенија, Чешка и Велика Британија, како и претставници од Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија.
На состанокот во Берлин ќе присуствуваат претставници на Европската унија, меѓу кои и комесарката за внатрешни работи Илва Јохансон, како и претставници на меѓународни организации.
Берлинскиот процес беше инициран во 2014 година од страна на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел како продолжение на претходните Конференции за Западен Балкан. Целта на процесот е да се забрза соработката со шесте земји од Западен Балкан и интеграцијата на тој регион во Европската Унија.