Министрите Шекеринска и Бошковиќ на вежбата „Одлучен удар“на Криволак


На армискиот полигон „Криволак“, министрите за одбрана на Република Северна Македонија и на Република Црна Гора, Радмила Шекеринска и Предраг Бошковиќ ќе присуствуваат на вежбовна активност артилериско гаѓање од страна на припадниците на црногорските вооружени сили, кои се дел од вежбата „Одлучен удар“.

Артилериските боеви гаѓања ќе се изведат во реонот на „Караоџали“ на АП „Криволак“ и се едни од последните вежбовни активности на оваа најголема воена вежба реализирана во Република Северна Македонија.

Вежбата „Одлучен удар“ е најголемата вежба досега организирана во Северна Македонија. Вежбата започна на 5 јуни, а ќе трае до 09 јули. Вклучува над 2.700 припадници од вооружените сили на шест држави – Северна Македонија, САД, Албанија, Бугарија, Црна Гора и Литванија. Оваа вежба претставува одлична можност за развој на интероперабилноста на нашата Армија со вооружените сили на земјите – учеснички, кои се и земји – членки на Алијансата. Воедно, нашата држава како домаќин на вежбата, покажува дека поседува искуство и капацитет за организација на големи и комплексни вежби, и тоа на полигон кој ги поседува сите потребни услови за изведување на ваков тип теренски вежби.

Фото: Б. Грданоски