Министрите оптимисти, капиталните инвестиции под 10 отсто 


Од јануари до април за капитални инвестиции биле потрошени само 41,5 милион евра. Иако од месец во месец реализацијата расте, за четири месеци таа е помала од 10 проценти од предвидената за годинава. Министрите не се загрижени за бројките. Исклучително задоволен од реализацијата на капиталните инвестиции во ресорот транспорт и врски е министерот Горан Сугарески.

„Процентот на гасификација бил исклучително мал во првиот квартал зашто во јануари и во февруари не се работело поради немање градежна сезона, сега имаме ситуација каде што има реализација од 26,7 отсто во првите четири месеци. Со мај и со јуни ќе има сериозна бројка, можеби над 40 отсто и повеќе. Искористувањето во делот на гасификацијата се очекува до октомври да биде 100 отсто исполнето“, изјави Сугарески.

До Нова година очекува да биде завршена првата делница од железницата кон Бугарија, од Куманово – Бељаковце.

„Во ресорот транспорт и врски очекувам сериозна реализација на капиталните инвестиции, без најавените или ненајавените ребаланси“, рече Сугарески.

И министерот за финансии Драган Тевдовски го дели оптимизмот.

„Реализацијата на капиталните инвестиции, пред сè, во патиштата, кои се реализираат преку ЈП за државни патишта, таму е одлична. Во првиот квартал е три пати подобра од истиот квартал претходната година. Тоа значи дека имаме позитивни движења. Ако се земат серија години наназад, секогаш забрзувала реализацијата на капиталите инвестиции во втората половина од годината и очекуваме дека и годинава тоа ќе биде случај“, рече Тевдовски, кој очекува позитивните движења во патната инфраструктура, на кои се надградува силниот раст на индустриското производство од 8,8 отсто и силниот извоз, да испорачаат годинава многу подобри движења во економијата од лани.

Годинава не 3,2 туку 3,5 отсто раст на економијата

Економскиот раст годинава ќе биде повисок од првично планираните 3,2 проценти и ќе стигне до 3,5 проценти, проценува Министерството за финансии во новата Фискална стратегија за периодот 2020-2022.

Растот на БДП се очекува да се зголеми на 4,2 проценти во 2020 година, а во 2022 да достигне 5 проценти. Бруто-инвестициите ќе имаат просечен раст од 6,1 процент, што ќе се должи на зголемената доверба на економските субјекти, поповолната деловна клима, подобрените евроатлантски перспективи, приливот на странски директни инвестиции и владините мерки за поттикнување на инвестициите, а позитивен придонес се очекува и од планираните инвестиции на јавниот сектор.

За периодот 2019-2022 година достасува за наплата главница од околу 2,3 милијарди евра. Јавниот долг умерено ќе се зголемува од 51,7 проценти од БДП во 2019 година на 52,3 проценти од БДП во 2020 година, а потоа ќе се намали на 50,8 проценти во 2021 година и дополнително на 49,1 процент во 2022 година.

(А.С.)