Министрите (не) го чуваат Заев од „Рекет“


Министерот за надворешни работи, Никола Димитров заедно со вицепремиерот Бујар Османи замина во официјална посета на Данска. Пред да одлета за Копенхаген, го прокоментира случајот „Рекет“, и тоа првпат по обелоденувањето на аферата пред пет недели. И тој ја фрли низ вода шефицата на СЈО, Катица Јанева, но напомена дека „можното соучешништво на обвинител во трговијата со одговорност“ максимално ја зголемува потребата од целосно и одлучно расчистување со сите валканици што излегоа на виделина, кон кого и да водат.

Нападот на Собранието, најцрниот ден на македонската демократија, беше за да се избегне одговорност за снимките како индиции за масовна злоупотреба и планина од криминал. Да ѝ се избега на правдата. Бојкотот на референдумот имаше иста цел да се факторизираат пратениците, за да се тргува со одговорноста. Да ѝ се избега на правдата. Дискредитацијата на СЈО преку аферата ‘Рекет’ повторно е на истата линија: Да ѝ се избега на правдата, напаѓајќи ја институцијата специјално формирана токму да испорача правда. До тука имаме континуитет на политичка агенда на неказнивост или со правен израз – повторување на (не)делото. Но, тоа што криминалот сака да го дискредитира својот гонител не треба да нѐ чуди. Зачудува до бес што некој изгледа дозволил жедта за правда да биде искористена за да се згасне жедта за пари. Иако целата приказна згрозува до апатија, ако тој кој требало да го гони криминалот, се ставил на страната на криминалците, тоа мора да биде само дополнителен мотив во борбата за правда, а не дигање раце. Расчистување и правда и за ‘Рекет’, но и за сите криминали во снимките и надвор од снимките. ‘Рекет’ е раскрсница. Едниот пат води кон иднина, другиот пат кон бездна. Можеби дојде време да се преброиме“, посочува Димитров.

Сепак, една реченица што ја споменува на крајот најмногу ја заинтригира јавноста.

Да бидеме начисто, бидејќи има премногу ‘сите’: Јас ниту сум имал средба, ниту фотографија, а уште помалку меморандум со Боки 13. Ова се разбира само по себе не е ни за фалење, освен што изгледа сум имал правилно претчувство што пропуштам“, поентира Димитров.

Министерот за надворешни работи, кој формално не е член на СДСМ, со еден удар го чисти своето име од аферата што ја тресе „Илинденска“, но истовремено, ги поткачи и еден куп негови колеги од владата, функционери на СДСМ и градоначалници кои се дружеа, а и потпишуваа меморандуми со Боки 13 и неговата контроверзна невладина „Меѓународен сојуз“.

Всушност, сиот изминат период откако пукнаа бомбите за „Рекет“, впечатливо е што премиерот Зоран Заев e оставен воглавно сам да се брани од нападите на ВМРО-ДПМНЕ дека тој е мозокот на целиот октопод. Тој по функција и е најодговорен за сите победи и порази на тимот. Заев е заштитниот знак на Владата, како и на сиот отпор против владата на Никола Груевски, па нормално е што тој е секогаш на првата линија од боишницата. Но, дел од јавноста забележува дека барем во случајов отсуствува поголема солидарност и заштита од министрите.

Во услови на ваква криза, неопходна е голема солидарност и умешно и сериозно менаџирање со ситуацијата во рамките на целата влада, бидејќи несолидарноста зборува за различни ставови и концепти, што секако не може да ѝ оди во прилог на владата. Факт е дека изминатиот период, гледајќи од страната на владата, со многу мал успех се менаџираше аферата ‘Рекет’. Можеби имаше оправдани причини за тоа, отсуства поради летни одмори и слично, но сега, штом министрите се вратат, мора да покажат поголема солидарност и поделба на одговорноста. Станува збор за сериозен инцидент против кој треба да се настапи со аргументи и со факти за да се спречи посериозна штета“, вели професорот Нано Ружин.

Отсуството на министрите се обидува да го компензира вицепремиерката Радмила Шекеринска, која стои рамо до рамо со премиерот Заев. Нејзини блиски роднини се поврзуваат со „Меѓународниот сојуз“, а во една од бомбите на италијанскиот весник „Ла Верита“, се слуша како Јовановски му вели на Камчев дека на вечера дома ќе му дојде Шекеринска.

Ние кажавме дека од прв до последен не сме заштитени, покажавме дека никого не штитиме, туку дека дозволивме, дозволуваме и овозможуваме сите институции да спроведат целосна истрага, никого да не го спасуваат и никого да не го штитат. Законот важи за секој од нас. Никој од нас нема да очекува, ниту пак ќе добие политичка заштита“, ќе рече Шекеринска во последната изјава за медиумите дадена пред неколку дена.

И министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски се огласи со порака дека мораме да имаме брза и ефикасна истрага, изведување пред лицето на правдата на секој што бил вмешан со цел криминалот и корупцијата конечно да го добијат ударот што им е потребен, а на тој начин да ја вратиме надежта и кај граѓаните и довербата кај институциите.

Или ќе застанеме сите чесно и одговорно заедно и ќе ја извојуваме битката против криминалот и корупцијата и ќе кажеме дека сме способни дека сите заедно успеваме, за што се боревме долги години да ги поразиме криминалците, да ги поразиме арамиите, оти друг избор немаме за напредок на државата“, вели Спасовски.

Тука воглавно завршува јавниот настап на министрите во владата од редовите на СДСМ. Од коалицискиот партнер во владата, ДУИ се однесуваат согласно принципот „не ме интересира“, имајќи предвид што нивните функционери не се поврзани со случајот, па во реките изјави, кои воглавно ги дава вицепремиерот Бујар Османи, се повторува оти истрагата мора да даде одговор на сите прашања и се изразува загриженост оваа афера да не влијае врз датумот за преговори со ЕУ што го очекуваме во октомври.

Претседателот Стево Пендаровски на неодамнешната прес-конференција свикана поради случајот „Рекет“, рече дека е разочаран од целиот случај, ги искара обвинителите што среде истрага заминале на одмор и нагласи оти правната држава е можна само доколку тоа значи и пресметка со функционери од актуелната власт, а не само со поранешните криминалци.

Горан Адамовски