Министрите на ЕУ рекоа „да“ за преговори со Македонија


Министрите за европски прашања на ЕУ, на денешната видео конференција што се водеше од Загреб, рекоа „да“ за започнување  преговори со Македонија и  со Албанија.

„Задоволен сум што земјите членки на ЕУ денеска постигнаа политички договор за отворање преговори со Албанија и Северна Македонија. Им честитам на двете земји“, напиша на Твитер еврокомесарот за соседска политика и проширување, Оливер Вархеји.Ова, според него е гласна и јасна порака до Западен Балкан: „Вашата иднина е во ЕУ“.

„Европскиот совет конечно успеа да даде одговор на очекувањата на земјите од Западен Балкан и на нивните граѓани, кои чекаат долго за да се случи нешто позитивно. Овој чин е уште позначаен сега. Не затоа што го победивме разочарувањето од одлуката на Советот во октомври, туку затоа што Европа и светот во моментов се наоѓаат во невидена ситуација. Зеленото светло за започнување на преговорите  за пристапување со Северна Македонија и Албанија покажува дека Европа може да донесе одлуки во услови на криза“, порача европратеникот Илхан Ќучук.

Според него,  ЕУ не може да си дозволи да го напушти регионот  во овој критичен момент.

„Заедно со некои колеги од европратениците, побаравме од Европската комисија да предложи ефективни мерки за поддршка на Западен Балкан во нивната борба против коронавирусот. Задоволен сум што ова прашање беше дискутирано и на состанокот на Советот, бидејќи треба да се преземат итни одлуки и да се обезбеди финансирање на регионот. Ние мора да  одговориме на потребите за хуманитарна и цивилна заштита. Само тогаш ќе можеме да ја надминеме оваа пандемија“, додаде Ќучук.

Советот на ЕУ ги утврди условите што треба да ги исполнат двете земји пред свикувањето на т.н. „меѓувладина конференција“ со која формално започнуваат преговорите.

Со оваа одлука денес, што треба да биде потврдена низ пишана процедура што ќе се иницира утре кај земјите членки,  вкупно четири од шест земји во регионот од Западен Балкан ќе преговараат со ЕУ. Датумот за преговорите ќе се утврди дополнително бидејќи поради корона вирусот секоја таква најава би изгледа несериозна во моментов, поради што формулацијата е „што побрзо“.  (С.Ј.)