Министрите на ЕУ денес расправаат за Балканот, Заев ќе притиска за преговорите
Премиерот Зоран Заев, придружуван од министрите Никола Димитров и Бујар Османи, веќе утрово ќе се сретне со претседателската на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, а до вечерва ќе раговара и со еврокомесарот Оливер Вархеи и првиот човек на Европскиот Парламент Давид Сасоли.
Посетата е испровоцирана од најавата за можно одделување на Македонија од Албанија во носењето на одлуката за почеток на преговори, а се случува ист ден кога во Брисел министрите за надворешни работи ќе имаат состанок и по подолг период ќе расправаат за стратегијата на ЕУ кон Западниот Балкан, што ја одлагаа со години.
За таа цел е подготвен и документ од кој некои детали излегоа во медиумите, а според она што е официјално објавено од Советот на ЕУ, целта е да се најде начин да се засили поитичкото присуство на ЕУ во регионот, кое значајно ослабна поради изгубениот кредибилитет, пред сѐ во однос на одлуките за проширувањето.
Не само што регионот ќе биде една од главните две теми на министерскиот состанок за надворешни работи заедно со односите со САД, туку утре и на ниво на расправа за општи работи повторно ќе се расправа регионот, овојпат од аспект на проширувањето, така што одлуката за преговорите со Македонија ќе биде појасна утре. Од средбите на премиерот денес не се предвидени никакви заеднички прес-конференции поради мерките, а попладне ќе се знаат заклучоците од министерската средба.
Во најавата за денешната министерска расправа стои дека важноста на Западен Балкан за ЕУ и јасната европска перспектива на регионот се „целосно и недвосмислено афирмирани од Советот, Европската комисија и Европскиот
Парламентот во редовни интервали“.
„Министрите за надворешни работи ќе разговараат за тоа како дополнително да се зајакне највисокото ниво на политички ангажман со регионот за ослободување на заеднички потенцијал, за работење како партнери во решавањето на глобалните предизвици, за зајакнување на соработката за безбедносни прашања и формирањето заедничка иднина во рамките на ЕУ преку итно и конкретно дејствување. Ова вклучува и справување со пандемијата Ковид-19, невидените нивоа на финансиска и економска поддршка на ЕУ и соработката на стратешки план“, стои во документот на Брисел.
За тоа колку е голема меѓуповрзаноста на регионот со ЕУ, се наведуваат и повеќе бројки. Па така, стои дека ЕУ трговски партнер број еден на Западен Балкан, бидејќи трговијата со ЕУ изнесува дури 73 отсто од вкупната надворешна трговија на регионот, а само 4,8 со Русија и 5 отсто со Кина. Покрај тоа, за период од 10 години (од 2006 до 2016 година) меѓусебната трговија била дуплирана и достигнала 43, 6 милијарди евра, при што земјите од Балканот многу повеќе извезувале отколку што увезувале од ЕУ, главно без царини и без лимити на количествата. Извозот на Западен Балкан во Унијата практично пораснал 140 отсто за десет години, а увозот 85 отсто.
И најголемите странски инвестиции во регионот се од ЕУ преставувајќи дури 72,5 отсто од вкупните инвестиции дојдени тука, за разлика од 1,1 отсто од САД, 0,1 отсто од Кина, 2 отсто од Турција и 4,6 отсто од Русија. Само последните пет години на Балканот дошле 10 милијарди евра инвестиции од земји на Европската унија, од кои 1, 28 милијарди евра само во Македонија. Дури 78 отсто од нашите инвестиции доаѓаат токму од Унијата, при што во тој поглед Македонија предничи во однос на другите земји од Западен Валкан.
Во однос на помошта околу пандемијата, покрај 650.000 вакцини што почнаа да се испорачуваат и ќе стигнат до август, се споменуваат и тие што се испорачуваат преку Ковакс системот бидејќи во него учествува финансиски Унијата. (С.Ј.)