Министри од „пријателите на проширувањето“ во Скопје за поддршка на Македонија


Тројца министри за надворешни работи (на Полска, Летонија, Литванија) и заменик-министерот за европски прашања на Естонија, како претставници на групата земји членки на ЕУ „Пријателите на проширувањето“, денеска се сретнаa со шефот на дипломатијата Никола Димитров за да ја пренесат поддршката на Македонија за ЕУ и НАТО.

Министерот за надворешни работи на Полска Јацек Чапутович на заедничката прес-конференција истакна дека ги ценат напорите што ги преземаат македонските власти во спроведувањето на реформите.

„Се надевам дека ЕУ наскоро ќе почне преговори за членство на Македонија и Албанија. Го цениме учеството на Македонија во Берлинскиот процес минатата година. Полска претседаваше со овој процес чија цел е да даде поддршка на европската интеграција на земјите од овој регион“, рече Чапутович.

Тој изрази надеж дека за неколку недели Северна Македонија ќе се приклучи кон НАТО.

„Има една етичка димензија на членството на земјите од регионот во ЕУ. Сметаме дека ЕУ им должи на овие земји одлука да ги прими во ЕУ, тоа е долг кон општеството, кон граѓаните, но тука е и безбедносната димензија и има и други актери вон ЕУ кои се активни во регионот, па така одлука за почеток на преговори ќе го спречи негативното влијание“, рече Чапутович.

Министерот Димитров изјави дека министрите се тука се за да ни дадат поддршка и јасен сигнал.

„Доаѓаат два дена по објавувањето на ажурираниот краток или како што ние го нарекуваме мини Извештај на Комисијата. Европската комисија кажа дека ние испорачавме, дека не само што продолживме, туку и ги зголемивме реформските напори и испорачавме опипливи и одржливи реформски резултати. Мислам дека ЕУ треба да донесе една јасна, недвосмислена, опиплива, одржлива одлука за пристапни преговори“, нагласи Димитров.

Министрите за надворешни работи синоќа беа примени и од претседателот на државата Стево Пендаровски.