Министерството за здравство реагира на кривичната пријава од СДСМ, водата станала партиска тема
Обидите на СДСМ да го претвори случајот со водата во Гостивар во партиска тема не придонесуваат за утврдување на фактите – реагираат од Министерството за здравство откако претходно денеска СДСМ поднесе кривична пријава против министерот Сашо Клековски и директорите на повеќе здравствени институции, обвинувајќи ги за пропусти и непреземање мерки при загадувањето на водата од гостиварскиот водовод.
Наместо политички квалификации и прес-конференции, велат од ресорното министерство, на институциите треба да им се овозможи непречено да ја завршат постапката – процес во кој велат дека целосно ќе соработуваат и ќе ја достават целата документација што ќе им биде побарана.
„Во Гостивар здравствениот систем реагираше навремено, пациентите добија соодветна здравствена грижа, а јавноста беше информирана за состојбата. Ја почитуваме законската можност секој да поднесе пријава доколку смета дека постои основ. Истовремено, очекуваме надлежните институции професионално, темелно и неселективно да ги испитаат сите наводи. Обвинителството веќе постапува по случајот. Министерството и сите надлежни здравствени установи целосно ќе соработуваат и без одложување ќе ја достават секоја побарана информација, анализа и документација“, се вели во реакцијата на МЗ.
Оттаму велат дека здравјето на граѓаните не смее да биде предмет на дневнополитички пресметки, додавајќи дека приоритети на Министерството и натаму остануваат функционален здравствен систем, заштита на здравјето на граѓаните и целосното утврдување на фактите врз основа на докази.
Опозицискиот СДСМ денеска поднесе кривична пријава против министерот за здравство Сашо Клековски, директорката на Институтот за јавно здравје Марија Андоновска, директорот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Кирил Лазов и директорот на Центарот за јавно здравје Тетово, Шпенди Амети, обвинувајќи ги за пропусти и непреземање мерки во врска со случајот со водата во Гостивар.
Со реакција се јави и Марија Андоновска, директорката на Институтот за јавно здравје и една од четирите функционери кои добија кривична пријава за непостапување од СДСМ, барајќи спротивно – да се утврди одговорноста на претходната влада од опозициската партија за наводно прикривање на загаденоста на водата во Гостивар, иако епидемија од вакви размери во тој период не беше регистрирана. Во објава на социјалните мрежи, Андоновска тврди дека со години институциите и лабораториите известувале за неправилности со водата, не само Гостивар, туку и во други градови, а претходната власт не ги информирала граѓаните за ваквите случаи и дека за проблемите биле известувани повеќе надлежни институции.
„Сите овие известувања кои ги добивале и молчеле, ќе бидат доставени до јавноста и до обвинителството“, напиша Андоновска.
Таа наведе дека станува збор за известувања од Центрите за јавно здравје, Институтот за јавно здравје и приватни акредитирани лаборатории за испитување на квалитетот на водата.
Андоновска упати и јавен повик до Венко Филипче за јавно соочување и разговор за состојбите во здравството, при што ги спомена и проблемите со водата во Гостивар, прочистителната станица, известувањата за неисправна вода во повеќе градови, состојбата со здравствените институции, модуларната болница и други прашања.
Таа порача дека верува во професионалноста на обвинителството и очекува одговорноста да биде утврдена согласно законите и прописите.