Министерството за здравство почна преговори со производителот на лекот „молнупиравир“


Почнаа преговорите со производителот на лекот „Молнупиравир“, информираа за МИА од Министерството за здравство од каде посочија дека навремено ќе информираат во врска со набавката на лекот.

Лекот „Молнупиравир“ е во форма на таблета и може да го примаат сите пациенти кои се позитивни на Ковид-19. Лекот се дава во првите пет дена од дијагностицирање на вирусот, а досегашните клинички испитувања покажуваат дека хоспитализацијата со овој лек е намалена за 50 отсто, посочија од Министерството.

Во врска со тоа дали се планира воведување нови мерки, бидејќи е во пораст бројот на активни ковид случаи, од Министерството истакнаа дека Комисијата за заразни болести и Институтот за јавно здравје ја следат епидемиолошката состојба во државата и на основа на тоа носат препораки со цел спречување на ширење на Ковид-19.

-Според податоците од анализите што ги прават епидемиолозите од ИЈЗ, во изминатава седмица не е забележано рапидно зголемување на позитивни од тестирани на Ковид-19. Од регистрираните нови позитивни случаи од 32 града во државата, забележано е зголемување од 3,7 отсто во однос на претходната седмица. Најголем дел од новозаразените се од Скопје. Нема притисок и во болниците. На територијата на цела држава во ковид – центрите хоспитализирани се вкупно 423 пациенти со Ковид-19. Засега нема нови предлози и препораки од Комисијата за заразни болести за заштита од Ковид-19, информираат за МИА од Министерството.