Министерството за внатрешни работи на Австрија потврди дека убиениот терорист има потекло од Македонија

Министерот за внатрешни работи на Австрија Карл Неамер потврди дека напаѓачот кој беше убиен од полицијата при синоќешниот терористички напад во Виена имал потекло од Северна Македонија.

Тој не го објави неговиот идентитет, но рече дека имал 20 години и големо криминално досие.

Како што претходно објави уредникот на австрискиот неделник „Фалтер“, Флоријан Кленк, се работи за Куртин С., кој е роден во Австрија во 2000 година, но неговите родители се Албанци со потекло од С. Македонија.

Неамер претходно го опиша убиениот напаѓач како исламистички терорист и симпатизер на Исламска држава.

„Тој носеше автоматска пушка, пиштол, мачета и лажен елек со експлозив. Освен австриско, поседувал и македонско државјанство“, кажа Неамер.

Убиениот терорист на 22 април бил осуден на 22 месеци затвор бидејќи сакал да им се приклучи на борците на ИД во Сирија и на 5 декември во 2019 година бил условно пуштен на слобода.

Бројот на загинати цивили во пукањето што се случи во самиот центар на Виена порасна на четири, откако на повредите им подлегнала уште една жена. Вкупно 17 луѓе се примени во болница.