Министерството за транспорт со реакција до ВМРО-ДПМНЕ: Инвестициите во патната инфраструктура се 2 милијарди евра


Министерството за транспорт и врски преку соопштение до медиумите реагираше на пораките од трибината на ВМРО-ДПМНЕ околу инфраструктурните проекти во државата, порачувајќи дека била „очигледна нервозата во политичката партија“, како и дека од ВМРО-ДМПНЕ се обидуваат „да манипулираат со граѓаните“.

„Исплашени се од фактот дека оваа Влада изгради и рехабилитира преку 1.500 километри вкупно патна мрежа низ државата. Ги започна и ги изгради двата експресни патни правци Штип – Кочани и Штип – Радовиш и ги пушти за сообраќај. Оваа година ќе се завршат со изградба и експресните патишта Ранковце – Крива Паланка и Градско-Прилеп и истите ќе бидат пуштени за сообраќај“, велат од Министерството.

Посочуваат дека во моментов се работи на изградба на седум автопатски делници од преку 190 км, како и дека биле рехабилитирани голем број на регионални и магистрални патни правци во сите региони, меѓу кои и Битола – Меџитлија, Скопје –Блаце, Струга –Ќафасан, Крива Паланка-Деве Баир, а биле реконструирани и преку 180 локални улици во сите општини.

Само во патната инфратструктура во овој момент се инвестира преку 2 милијарди евра, се вели во соопштението.

„Политичката партија ВМРО-ДПМНЕ не може да прифати дека оваа Влада ја започна најголемата инвестиција во изградба на железничката мрежа на Коридор 8, од Куманово до ГП Деве Баир инвестиција од преку 750 милиони евра, нешто што за многу влади ова беше само проект во изборните програми“, велат од Министерствот за транспорт и врски, додавајќи дека била овозможена и конкуренција во железничкиот транспорт преку либерализација на железничкиот превоз.

„Успехот на Министерството за транспорт и врски е очигледен и преку континуирана реализација на капиталните иннвестиции, кои минатата година изнесуваа 99,2 % реализација на средствата наменети за капитални проекти“, се вели во соопштението до медиумите.

 

 

На истата тема:

ВМРО-ДПМНЕ ќе го завршеле автопатот Кичево – Охрид во 2026 ако дојдат на власт – Независен Весник (nezavisen.mk)