Министерството за култура ја презема реконструкцијата на Универзалната сала


Фото: Б. Грданоски

 

На денешната владина седница е усвоена информацијата од Министерството за култура за пренесување на правото за реконструкција на Универзалната сала, соопшти вечерва владината прес-служба.

Со ова, правото за реконструкција на Универзална сала се пренесува од Град Скопје на Министерството за култура.

– Владата го задолжи Министерството за култура, по приемот на целокупната документација од Градот Скопје, да ја согледа проектно – техничката и финансиската документација за реконструкцијата на објектот на  Универзална сала и за потребните финансиски средства да обезбеди согласност за преземање на обврски на буџетски корисници за наредни три години (2024, 2025 и 2026 година). Владата ја задолжи министерката за култура да го склучи доставениот текст на договор за регулирање на меѓусебните права и обврски помеѓу договорните страни во врска со реконструкција на објектот на Универзална сала во Скопје, се вели во соопштението од Владата.

„Независен“ испрати прашање до Град Скопје дали целосната документација за Универзалната сала е доставена до Министерството за култура и очекуваме одговор.