Министерството за финансии очекува пад на БДП од 3,7 отсто оваа година


Министерството за финансии очекува пад на домашниот бруто-производ од 3,7 отсто оваа година, како резултат на корона кризата.

Проекциите на Министерството за финансии за намалување на БДП на годишно ниво се уште не се официјално објавени, но министерката за финансии Нина Ангеловска го откри овој податок на денешната прес конференција, одговарајќи на прашање на новинарите. Ангеловска додаде дека анализите се доработуваат на дневно ниво и дека се следат и проекциите за економскиот раст на другите земји со кои што Македонија има развиена трговска размена, како што е на пример Германија.

„Согласно тоа и согласно проекциите за нивните економии, можно е да има одредени корекции и за растот на нашата економија“, рече Ангеловска.

Таа додаде дека ваквата проекција е во линија на очекувањата што ги има Меѓународниот монетарен фонд, иако очекувањата на Министерството за финансии се нешто пооптимистички од оние на ММФ.

Како што е познато, ММФ деновиве во рамки на извештајот за Македонија соопшти дека очекува годинава БДП да забележи пад од 4 отсто, а за наредната година растот на БДП да изнесува 7 отсто.

„Треба да имаме предвид дека станува збор за таканаречени base line прогнози со претпоставка дека најголемиот удар ќе биде во второто тримесечје годинава, потоа одредена контракција на економијата во периодот јули-септември, но значително помала од април-јуни, како и стабилизација и позитивен економски резултат во последните три месеци од годинава“, рече министерката Ангеловска.