Министерството годинава нема да набавува компјутери за училиштата


 

Министерството за образование и наука оваа календарска година нема да набавува нови компјутери за училиштата, вели министерот Арбер Адеми за „Независен весник“, иако дигиталната технологија е во тренд, а компјутерите во поголем дел од училиштата во земјава речиси и да не се користат во наставата поради нивната нефункционалност. Дури 60 отсто од нив не се во функција.

Ова е една од слабостите што е наведена и во последниот извештај на Државниот просветен инспекторат за квалитетот на воспитно-образовниот процес во учебната 2017/2018 година, при што ИКТ во наставата е недоволно применета, наставниците не се во можност да реализираат ваква настава, оти компјутерите не работат. Додека да бидат набавени нови, министерот апелира до учениците да водат поголема грижа за компјутерите што се набавени во изминатите години.

„Нови компјутери оваа календарска година нема да се набавуваат преку Министерството за образование и наука. Тоа ќе биде дел од некој нареден буџет, со оглед на ограниченоста на средствата со кои располагаме и со оглед на приоритетноста која е дадена на други работи. Но, сакам да истакнам дека   постојано се работи на развој на компјутерските и дигиталните вештини кај   учениците, за развој на вештините за кодирање, како сегмент кој никогаш нема да   биде запоставен, туку напротив, континуирано надградуван со нови и нови проекти, мерки и активности во интерес на следење на глобалните ИТ-трендови. Во меѓувреме би упатил апел до учениците што ги користат компјутерите, кои им се набавени во минатото и во поново време, да водат поголема грижа за опремата и да бидат одговорни при чувањето и одржувањето“, вели Адеми.

Претседателот на Здружението на информатичари, професор Миле Јованов, посочува дека e неопходно да се набават компјутери за во училиштата и тоа, потенцира, треба да биде сериозно обмислено.

„Треба сериозно да се обмисли, а не стихијно. Јас разбирам ако министерот вели дека не може да се набават компјутери за оваа календарска година, оти не е логично. Потребно е да се работи на сериозно обмислен проект за да се издефинираат работите до крајот на октомври. Да се испланира државниот буџет за следната година и да се предвиди набавка на компјутери за во текот на следната година. Во изминатите години многу од работите се завршија, во над 90 отсто од училиштата има добра електрична инсталација што може да поддржи доволно компјутери, а во делот на интернетот, потребен е сериозен напор за да може да се покрие цела држава, оти не зборуваме само за скопските училишта туку и за најразлични предели, во села, планински предели каде што интернетот може да се донесе на сателитски начин, некаде со кабелска телевизија, некаде со некој од операторите“, вели Јованов.

Според него, не мора да се купи компјутер за секој ученик, туку да се опремат некаде две-три училници, а некаде од пет до седум училници, зависно од големината на училиштето и бројот на учениците и во различни денови да се користат компјутерите за настава по различни предмети. „Проектот на претходната власт почна амбициозно, ама површно затоа што не беше сериозно испланиран. Прво ги набавија компјутерите, а потоа сфатија дека им треба електрична инсталација, поголеми клупи и дека им треба и интернет“, нагласува Јованов.

За да се спроведува ИКТ-настава, наставниците сами се снаоѓаат, додава Јованов, компјутерите што се во функција се стари и нивниот квалитет и сила не се задоволувачки. Во некои училишта по две или три училници се опремени со компјутери.

Неодамна на трибината во организација на Сојузот на просветните работници и Министерството за образование и наука, наставници членови на Сојузот подвлекоа дека е неминовно учениците да бидат добро ИКТ-описменети, затоа што стопанството има потреба од кадри кои имаат познавања од информатички вештини.

Пред десетина дена беше промовиран проектот за техничка помош во областа на образованието со поддршка на Владата на Кина и кинескиот телекомуникациски гигант „Хуавеј“. Министерот Арбер Адеми рече дека преку проектот се поддржани 23 училишта на територија на Град Скопје, три факултети и државни институции, кои се опремени со најсовремена информатичко-комуникациска опрема во вредност од 5,5 милиони долари.

„Училиштата сега имаат мултифункционални смарт училници опремени со персонални компјутери, лаптопи, интерактивни табли, уреди за мрежно безжично поврзување, системи за е-учење. Одделот за физика на Природно-математичкиот факултет, Педагошкиот факултет во Скопје и ФИНКИ добија дел од опремата преку овој проект“, рече Адеми.

Вероника Мароска-Леова