Не верувајте во шпекулации за превозниците, вели Министерството за транспорт
Од министерството велат дека непроверените информации можат да му наштетат на дијалогот со ЕК и дека „секоја држава одлучува за себе“
Министерството за транспорт денеска се јави со реакција по информациите дека наводно ништо не било договорено во разговорите меѓу Европската комисија и превозниците за подолг регулиран престој во ЕУ.
Министерството вели дека не треба да се верува на шпекулации (информацијата првиочно беше објавена во подгорички „Вијести“) и дека во координација со Европската комисија се работи на трајно решение во врска со престојот на превозниците во Шенген зоната, како и дека ресорните министерства изминатиот период се во интензивна комуникација со ЕК со цел да се изнајде решение за проблемот. Наспроти претходниот став за регионален пристап македоднското министерство сега вели дека „секоја држава одлучува за себе“.
„Министерството за транспорт е во постојана комуникација со превозниците, како и со Европската комисија со цел изнаоѓање решение во рамки на новата визна стратегија која ја промовираше Европската унија каде што се отвора можноста возачите да бидат третирани како професионалци како и можностите за друг вид визи. Би сакале да потенцираме дека е најавено одложување на примената на ЕЕС системот и дека активно сите чинители работат на решавање на овој проблем“, велат од Министерството за транспорт.
Изминативе денови подгоричкиот весник „Вијести“ објави дека Европската комисија ги отфрлила сите предлози испратени од земјите од Западен Балкан со цел да се најде компромис за ограничување на престојот на превозниците на товар од земјите од регионот во земјите од Шенген. Оваа информација внесе тревога не само кај македонските туку и кај регионалните превозници.
Од македонското Министерство за транспорт нагласуваат дека сите можности се разгледуваат од страна на техничка работна група составена од сите ресорни министерства и претставници на Европската комисија.
Превозниците предложија професионалните возачи да добијат различни визи или сличен документ што ќе им овозможи да останат подолго и да работат во ЕУ без да го променат своето живеалиште, или нивното работно време според патните налози што ги преведуваат при транзит низ ЕУ да не се смета во времето на нивниот престој…
„Претставниците на ЕК рекоа на сите предлози дека се невозможни, не се во согласност со Шенген. На нашето прашање, ако веќе ги отфрлаат сите наши предлози, каков е нивниот предлог, одговорот беше дециден ‘возачите и превозниците мора да се прилагодат на правилото 90/180’“, изјави за „Вијести“ еден од учесниците на последниот состанок.
„Во следниот период разговорите продолжуваат со засилена динамика со цел наоѓање трајно решение кое е прифатливо за сите страни. Како Министерство апелираме да не се потпаѓа на шпекулации и секаков вид непроверени информации кои може да наштетат на дијалогот. Особено не на шпекулации од соседните држави. Секоја држава одлучува за себе. Македонија продолжува со дијалог за трајно решение“, се вели во соопштението од Министерството за транспорт.