Дали урбанистичките планови со новиот закон ќе се откочат или ќе дојде до градежно дивеење?
Заглавени околу 600 урбанистички планови - ќе се олесни изградбата на школи, градинки, болници... тврди Министерството. Јавноста стравува од градежно дивеење
Околу 600 урбанистички планови се заглавени во постапка со што е доведено во прашање нивното донесување и реализацијата на капитални инвестиции, соопшти денеска Министерството за транспорт. Токму измените на Законот за урбанистичко планирање, како што информира, се предлагаат за надминување на ваквата состојба.
Измените, наведува Министерството за транспорт, се исклучиво во интерес на граѓаните и општините – за поефикасна реализација на капитални проекти и придвижување на економијата во целина. Ќе ја олеснат изградбата на училишта, градинки, болници, амбуланти и катни гаражи преку поедноставување на постапките за донесување урбанистички планови.
„Поради бројните проблеми со кои се соочуваа граѓаните и општините при носењето урбанистички планови каде што јавниот интерес беше подеднакво третиран со приватниот интерес и често пати беше заложник на приватните интереси, со измените на Законот за прв пат во државава, јавниот интерес го ставаме во прв план.
Основна цел на измените е да се поедностават постапките во однос на донесување на урбанистичките планови наменети за изградба на објекти од јавен интерес односно за изградба на градинки, училишта, болници и останати објекти од социјална и здравствена заштита, како и катни гаражи со цел решавање на сообраќајниот хаос. Со донесувањето на овој закон ќе се поедностави постапката за реализација на капиталните проекти во државата, а општините ќе можат во целост да ги реализираат планираните развојни буџети, со што директно ќе се влијае врз локалниот економски развој“, истакнува Министерството.
„Исто така би сакале да потенцирме дека сосема погрешно во јавноста се интерпретира одредбата каде се вели дека се брише можноста да се донесе урбанистички план без согласност од Министерството за транспорт. Вистината е обратна. Се укинува правото ‘молчењето е одобрување’, а секое дивеење подлежи на најголеми казни за злоупотреба на службена должност“, нагласува Министерството.
Со измените ќе биде невозможно да се донесе план без согласност на Министерството за транспорт, исто така Министерството може да го враќа на доработка секој план се додека е потребно во секоја фаза од постапката. „Така се спречува дивеење“, потенцира Министерството.
Претходно, од O2 Иницијативата обвинија дека повторно со исто сценарио се прави обид да се изгласаат штетни измени во Законот за урбанистичко планирање.
„Закон со толкав импакт се менува фреквентно поради актуелната потреба, а не се става на здрава основа, осмислен и усогласен со сите други актуелни, па и планирани закони со кои се преклопува.
▪️ Се предлага БРИШЕЊЕ на одредбата со која јасно е утврдено дека урбанистичките планови кои започнале по старите закони и не успеале да се завршат во рок од 4 години од стапување на сила на законот (18.02.2020), истите да продолжат по новиот закон. Со бришење на овој дел, ќе се овозможи стариот закон неограничено да се користи, наместо ДУПовите конечно да тераат по сегашниот закон.
▪️ Се планира да се ИЗБРИШЕ делот кој уредува ако нема согласнот од Министерство за транспорт, одлуката за носење на урбанистичкиот план да е ништовна и министерот за транспорт да донесе решение за забрана на применувањето на планот. Со бришење на овој дел ќе се овозможи носење на ДУП без согласност и потоа оди докажувај се пред Уставен суд со годинии, а во меѓувреме ќе си се гради и ќе си се гради по тој ДУП.
▪️ Се предлага БРИШЕЊЕ на одредбите поврзани со обврската за обезбедување на потврда за урбанистичка усогласеност, со објаснување дека во пракса оваа одредба не се применува поради неусогласност со актуелниот Закон за градење. Зошто тогаш Законот за градење не се измени, за да може да се спроведе оваа одредба?!
▪️ Се планира САМО со урбанистички проект да се реализираат катни гаражи за кои не е донесен детален урбанистички план“, наведувата од O2 Иницијатива.
Измените се ставени по скратена постапка на собраниска седница в понеделник, 12 август.