Министерство за правда: Барлет Џафери има положено правосуден испит во 2015 година


Во врска со случајот со Барлет Џафери, кој го водеше Државната комисија за спречување на корупција, Министерството за правда информира дека согласно евиденционата тетратка за положени кандидати што се води во Министерството и е од трајна вредност, Барлет Џафери има положено правосуден испит на 05.02.2015 година.

Потписот за положен правосуден испит, како што е наведено во денешното соопштение од Министерството за правда, го ставил министерот за правда кој ја извршувал функцијата во 2015 година.

Во врска со наводите на ДКСК за немањето документација за положен правосуден испит на Џафери, Ве информираме дека согласно член 27 од Уредбата за канцелариско и архивско работење (“Службен весник на РМ”,  бр.01/14), министерот за правда секоја година носи листа на документиран материјал со рокови за негово чување за потребите на Министерството за правда, се посочува во соопштението.

Во однос на рокот за чување на документацијата во Министерството за правда, досегашната пракса била документите на кандидатите односно барањата и другата пропратна  документација на кандидатите за полагање правосуден испит да се чуваат една година.

Со цел надминување на евентуалните можни злоупотреби околу полагањето на правосудниот испит, Министерството за правда, како што е наведено во соопштението, ја разгледа можноста за електронско пријавување на правосудниот испит преку Националниот портал Е-услуги. На тој начин кандидатите ќе ги поднесуваат своите документи по електронски пат, велат од Министерството.

Претходно, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на денешната 75. седница одлучи дека не може да се отвори предмет за случајот со Барлет Џафери, син на претседателот на Собранието, Талат Џафери, бидејќи Министерството за правда не ја чува документацијата.

ДКСК утврди дека Барлет Џафери се здобил со право да полага правосуден испит, иако сè уште не бил дипломиран, меѓутоа дека немаат услови за да го докажат тоа.

„Од документацијата со која располагаме можеме да заклучиме дека студиите со кои се стекнал со триста кредити кандидатот ги завршил по положувањето на правосудниот испит. Не ни се совпаѓа потребното време од стекнувањето на триста кредити до можноста да се полага правосуден испит, меѓутоа не можеме тоа да го потврдиме бидејќи документите во Министерство за правда не се чуваат, затоа што се работи за предмет со постари датуми и не постојат мерки од наша страна што можеме да ги преземеме. Единствено што можеме да потврдиме е дека лицето Барлет Џафери ги исполнил условите за на Академија оти имал положено правосуден испит, но како се стекнал со правото за правосуден испит не“, истакна претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.