Министерство за култура: Потребни се итни превентивни интервенции на манастирскиот комплекс во Матејче
Министерството за култура соопшти дека изнаоѓа соодветни решенија за црквата „Успение на Пресвета Богородица” – манастир Матејче активно да функционира и да се ревитализира целиот комплекс.
Министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска била на увид во состојбата на манастирската црква во Матајче и, како што информира Министерството, ја иницирала посетата на објектот по последните вандалски оштетувања на покривот на црквата.
При посетата, заедно со градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, директорот на Управата за заштита на културното наследство, Ариан Арсланај и директорот на Националниот конзерваторски центар, Мемет Селмани, било констатирано дека се потребни итни превентивни интервенции усогласени со сите субјекти на централно и на локално ниво.
Како што соопшти Министерството за култура, Костадиновска-Стојчевска потсетила дека во 2021 година со средства од Програмата за културно наследство во опасност на Министерството за култура, преку надлежната установа Конзерваторски центар–Скопје се реализираше проект за непосредна заштита на архитектурата и изведбата на оловен покрив над објектот.
-Само во заедничка координација, преземените мерки и заштитни интервенции ќе имаат подолготраен ефект и ќе ја обезбедат потребната заштита, истакнала Костадиновска-Стојчевска.
Mинистерството нагласува дека манастирскиот комплекс „Успение на Пресвета Богородица“, кој се наоѓа во атарот на кумановското село Матејче, претставува културно наследство од највисока вредност, а црквата во овој комплекс од средината на XIV век го содржи најобемниот фрескоансамбл на наша територија.