Министерот за здравство дозволи ДСЗИ да врши контроли во градинките за вакцинација


Вакцинирање дете Фото: (Б. Богдановска)
Министерството за здравство ја информира јавноста дека министерот за здравство, д-р Илир Демири ги прифаќа препораките на Комисијата за заразни болести (КЗБ) за спречување на ширењето на голема кашлица (пертусис).
 
Министерот Демири, ќе донесе одлука со која на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) ќе му наложи да постапува согласно законските надлежности предивидени со Закон за заштита на населението од заразни болести, како и да врши вонредни инспекциски надзори, односно увид во вакциналните потврди обезбедени од вакциналните пунктови за примена вакцина против голема кашлица.
 
Министерството за здравство апелира до родителите дека најдобар начин за превенција на голема кашлица е вакцинацијата, затоа треба да ги вакцинираат своите деца.
 
Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) ќе забрани посета во градинки на деца кои немаат примено ДТП вакцина, само доколку препораката на Комисијата за заразни болести како советодавно тело на министерот за здравство, биде прифатена и со одлука, а Министерството за здравство му наложи на Инспекторатот вршење вонредни инспекциски надзори заради увид во вакциналните потврди обезбедени од вакциналните пунктови за примена ДТП вакцина, порача денеска директорката на ДСЗИ Рената Младеновска.
 

По најновите препораки од вчерашната седница на КЗБ за спречување на ширењето на голема кашлица таа посочи дека надлежноста на ДСЗИ е во делот на санкционирање родители кои не вакцинирале дете. 

Младеновска потсети дека од почетокот на епидемијата контролата на вакциналниот статус на децата згрижени во предучилишните установи ја врши Министерството за труд и социјална политика, согласно нивната законската регулатива, што ја уредува документацијата за прием на деца во овој тип на установи, вклучувајки и доставување на потврда за вакциналниот статус.

– Надлежноста на ДСЗИ е во делот на санкционирање на родителите кои не го вакцинирале своето дете, преку спроведување постапка за порамнување, а по добиен список од страна на вакциналните пунктови. Висината на казната за родител- старател изнесува 300-650 евра во денарска противвредност, изјави Младеновска.

 
Вакцинацијата против голема кашлица во Република Северна Македонија се спроведува со комбинирани вакцини: Hexaxim (DTaP-IPV-Hib-HepB), Pentaxim (DTaP-IPV-Hib) и Tetraxim (DTaP-IPV).
 
Според Календарот за имунизација, првата доза на вакцина се дава на деца на возраст со навршени два месеца, втората доза  на возраст од 4четири месеци и третата доза на возраст од шест месеци.
 
Првата ревакцинација се врши една година по комплетирањето на примарна вакцинација, на 18-месечна возраст. Втората ревакцина се дава во второ одделение, односно на 7-годишна возраст.
 
Вакцината против голема кашлица на препорачанатa возраст на доенчињата го намалува ризикот од сериозна форма на болест.